Ладните предјадења се омилени на свечените трпези затоа што изобилуваат со силни и впечатливи вкусови, лесни се за јадење и буквално се топат во уста. Едни од најомилените, сепак, се декоративните домашни салами кои порано ги послужував само за Нова година, но гостите толку многу ги сакаат што почнав да ги приготвувам редовно, преку целата година.
Ако сакате брза постапка зашто немате многу време, тогаш следете го првиот рецепт кој користи шунка и желатин за зацврстување на смесата која се истура во пластично шише. А, доколку имате приближно еден час време и сакате да му се посветите на ова предјадење, тогаш следете го вториот рецепт, каде користите сирово пилешко месо, а саламите треба да се сварат пред послужувањето, пишува НМД. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 150 г шунка, 150 г свинска пастрма (или сувомеснато по ваш избор), 4 варени јајца, 20 г копар, 3 г лук во прав, 300 мл кефир или јогурт, 15 г сенф, 35 желатин (подготвен и растопен според упатството), 10 г сол, 100 г кисели краставички
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за 2 салами): 500 г пилешко месо (бело, батаци..), 100 г димена сланина или шунка, 1 свежа црвена пиперка, 1 лажичка сол, сув зачин (вегета) по вкус, 1/2 лажичка црн пипер во прав, 1 лажичка коријандер, малку мелен ким и коморач, сечкан лист од магдонос
ПОСТАПКА за рецепт 1: Шунката и пастрмата (или некое сувомеснато по ваш избор), исечкајте ги на многу ситни коцкички. Потоа истото сторете го и со киселите краставички. Јајцата сварете ги потврдо (10-тина минути), изладете ги во ладна вода, па излупете ги исечкајте ги на коцкички.
Иситнетите намирници истурете ги во еден подлабок сад во кој ќе можете да ги измешате, па додајте ситно сечкан свеж копар, сол, лук, сенф и зачини по ваш вкус, па прелијте со кефир или јогурт. Промешајте за да се распоредат состојките рамномерно.
Желатинот помешајте го со малку вода според наведеното упатство на кесичката, а после 10-15-тина минути кога ќе набубри, растопете го на пареа или во микробранова печка и додајте го во мешавината. Промешајте уште еднаш.
Целата мешавина внимателно претурете ја во едно пластично 1.5 литарско шише чиј врв сте го исекле. Смесата можете да ја истурите и во калап по ваш избор (мини калапчиња за мафини, долгнавест и длабок калап за ролат, па дури и во калап за куглоф), претходно обложен со проѕирно фолија за полесно да се извади.
Смесата потребно е да отстои во фрижидер најмалку еден час за да се стегне убаво. Потоа внимателно исечете го пластичното шише и извадете ја саламата, па сечете ја парчиња и послужете. Деталите погледнете ги ОВДЕ. Постапката за вториот рецепт е малку поразлична и потребно е саламите да се сварат за да се стегнат:
ПОСТАПКА за рецепт 2: месото сомелете го или исечете го најситно што можете, исто така и димената сланина (која дава одличен шмек), како и црвената пиперка. Сите состојки измешајте ги во еден подлабок сад, па зачинете ги. Смесата е потребно добро да ја измесите со рака.
Потоа обликувајте две салами и свиткајте ги во хартија за печење или во пластична-стреч фолија, малку намастени од внатрешната страна (или со намастени дланки обликувајте ги саламите). Краевите цврсто врзете ги со конец.
Вака подготвените ролати спуштете ги во зовриена вода, па намалете ја температурата и гответе поклопено приближно 1 час на ниска температура. Сварената салама извадете ја од водата и оставете да се олади заедно сосе фолијата/хартијата. Потоа отстранете ја и завиткајте ја во нова фолија/хартија и оставете во фрижидер добро да се олади. Оваа салама може да се сече многу тенко, без да се распаѓа. Рецепт на Ѓурѓица.