Одличен новогодишен колач кој се приготвува за 5 минути, без печење, без јајца, без брашно, без кондензирано млеко, без желатин…

Оваа чоколадна торта е одличен предлог, бидејќи нема да ви одземе многу време за подготовка, а знаеме сите колку времето ни е драгоцено кога наближуваат празниците.

Ќе ја подготвите за само пет минути, а потоа ќе ви преостане само да ја оладите во фрижидер неколку часови. Вкусот и е божествен, има нежна, свиленкасто мека, кремаста структура, а секој залак се топи во уста. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ОСНОВА НА КАЛАП ОД 18 СМ: 200 г бисквити со какао, 100 г кикирики, 100 г путер, 1 прстофат сол.

И УШТЕ: 1 банана, 150 г чоколадо, 300 г крем сирење (маскарпоне), 100 г шеќер во прав, 300 мл слатка павлака 30% мм, бело чоколадо за декорација

ПОСТАПКА: Земете сирови, лупени кикирики, па малку истостирајте ги со прстофат сол (пропржете ги во сува тава на умерена температура) додека да почнат убаво да мирисаат, па тргнете ги на страна и оставете ги да се оладат.

Потоа ставете ги во блендер или сечко, па ситно сомелете ги.

Бисквитите искршете ги со раце (може да користите кекси по ваш вкус, па дури и чајни колачи), а потоа иситнете ги со рачен или обичен бледнер. Треба да добиете навистина ситен прав.

Мелените кекси ставете ги во еден подлабок сад, па во нив додајте ги мелените кикирики. Промешајте со шпатула за да се изедначат двете состојки.

Потоа додајте 100 г растопен и подизладен путер, па повторно промешајте додека да добиете смеса со конзистенција на влажен песок.

Смесата истурете ја во калап со димензии 18 см, претходно намастен и обложен со хартија за печење.

Распоредете ја рамномерно на дното и малку на страните, па натапкајте со помош на дното од чаша за да биде насекаде со еднаква дебелина.

Во посебен сад пенасто изматете 200 мл слатка павлака со постепено додавање на 100 г шеќер во прав. Матете неколку минути додека да добиете кремаст шлаг. Во друг сад пенасто изматете го крем сирењето и започнете постепено да го додавате шлагот од слатката павлака.

Изматете кратко додека да се соединат во мазен и нежен крем. Излупете една банана, па исечкјате на кругчиња со дебелина од 3-4 мм.

Во калапот врз бисквитната подлога истурете третина од кремот и рамномерно распоредете.

Наредете ги тркалцата банани, па одозгора додајте ја втората третина од кремот, распоредете рамномерно и израмнете.

На тивок оган растопете 150 г чоколадо искршено на коцки со 100 мл слатка павлака. Мешајте додека да добиете течна глазура (внимавајте, не смее да загори).

Половина од чоколадниот ганаш распоредете врз белиот крем, израмнете, па одозгора истурете го остатокот од белиот крем.

Распоредете, израмнете и на крај прелијте го остатокот од чоколадниот ганаш. Откако ќе израмните, одозгора наросете рендано бело чоколадо кое совршено одговара на контрастот црно-бело.

Оставете ја тортата во фрижидер да се лади и да се стегне најмалку 3-4 часа, а потоа извадете го обрачот, сечете и послужете.

Оваа торта е нешто најкремастото и највкусното што ќе го пробате во новата година. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.