Ако ви здодеаја брзите торти кои се приготвуваат со кондензирано млеко, желатин и маскарпоне, тогаш испробајте нешто ново. Оваа кремаста торта ја приготвив за моите пријателки кои ја оценија со 10 и забележаа дека им се допаднала дури и повеќе од моето познато тирамису.




Затоа, одлучив наместо некоја комплицирана торта која ќе ми одземе цел ден, да ја направам истава оваа со пишкоти и крем и за Нова година да се посветам повеќе на себеси отколку на кујната. Постапката е брза и лесна, а резултатот е мек и многу вкусен десерт кој се топи во уста. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: пишкоти по потреба, 100 мл + 500 мл млеко, 100 г + 70 г шеќер, 40 г + 35 г пченкарен скроб/нишесте/густин, 8 г ванилин шеќер (1 кесичка), 125 г овошен јогурт со вкус на ванила или кисела павлака, 280 капини/малини/шумско овошје, лимонов сок, 10 мл вода




ПОСТАПКА: Тркалезен калал за торти со пречник од 22 см и флексибилен обрач, обложете го со хартија за печење на дното, а по потреба и од страните. Земете една пишкота и ставете ја вертикално во калапот, покрај ѕидот, за да ја измерите потребната висина. Исечете ја пишкотата, а според неа исечете ги и останатите пишкоти кои се потребни за обложување на обрачот.




Во една чинија налејте 100 мл млеко, па кратко натопувајте ги пишкотите и редете ги со пресечениот дел свртен надолу. Откако ќе го формирате обрачот, со кратко натопени пишкоти пополнете го и дното на калапот. Тргнете го настрана, па започнете со подготовка на кремот.




Во тенџере ставете половина литар млеко, додајте 100 г шеќер и 40 г скроб/нишесте, па добро изматете со кујнска маталка-жица додека да се раствори скробот и да се разбијат грутчињата. Потоа ставете го тенџерето на умерен оган.




Варете го млекото со непрекинато мешање додека да згусне како пудинг или малку поретко. Тргнете го настрана и додека кремот е сè уште врел, во него додајте една кесичка ванилин пеќер и една мала чаша густ јогурт со вкус на ванила или некој овошен по ваш избор, а може и кисела павлака.




Мешајте додека сите состојки да се соединат и да добиете изедначена, хомогена смеса. Кремот е сè уште топол, па мешајте брзо и веднаш излејте го врз пишкотите во калапот. Малку протресете го калапот и израмнете ја површината. Оставете да се олади, а потоа и во фрижидер уште 2 часа.

За тоа време пригответе го овошниот крем. Во едно тенџере ставете 280 г бобесто овошје по ваш избор, може и смрзнато, додајте 70 г шеќер, лимонов сок приближно 50 мл (од 1 сочен лимон) и 10 мл вода. Ставете на умерен оган додека да зоврие.

Потоа тргнете го тенџерето настрана и додајте 35 г скроб/нишесте, па промешајте додека да се раствори. Потоа смесата испасирајте ја со рачен блендер додека да добиете кашеста смеса, па вратете на умерен оган и гответе со непрекинато мешање додека да згусне.

Додека е топол прелијте го врз белиот крем и израмнете. Оставете да се олади, а потоа и 2 часа во фрижидер. По изминатото време отстранете го обрачот и декорирајте по желба. Деталите погледнете ги ОВДЕ.