За роденденот на ќерка ми сакав да порачам торта со принцезата Елса од анимираниот филм „Frozen“. Таа го обожава овој лик и речиси целиот училишен прибор и е преплавен со апликации од овој цртан. Додека барав добра слаткарница која ќе го испечати ликот на Елса, наидов на рецепт за торта наречена „Елса“.




Изгледаше толку примамливо што решив да експериментирам и да пробам да ја направам. Постапката беше едноставна, но никогаш не се знае каков резултат ќе добиете со новите рецепти. Имав многу за готвење и подготовки за роденденот, рерната беше зафатена цело време, па така оваа опција се покажа како многу корисна.




Колачот не бара печење. Се состои од два слоја: пудинг со јаткасти плодови и нежен слој од крем сирење со какао. Коексите се совршени како основа, а горниот дел од тортата е украсен со крцкави пуканки во чоколадо. Многу необично, па вреди да се проба. Еве што е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3,5 чаши млеко (700 мл), 6 лажици шеќер, 2 кесички пудинг, 100 г ореви, 250 г путер или маргарин, 350 г маскарпоне крем сирење (или филаделфија или некое друго), 760 мл течна павлака (хопла), 75 г шеќер во прав, 4 супени лажици какао во прав, 100 г млеко во прав, 100 г млечно чоколадо, 100 какао бисквити (турски кекси), 10 мл масло




ПОСТАПКА: Скршете ги бисквитите со рака или ставете ги во една кеса, па одозгора поминете ги неколкупати со оклагија, а може и да ги сомелете во блендер. Растопете 100 г путер во микробранова печка или на тивок оган, па додајте го во кексите и промешајте. Треба да добиете смесата со конзистенција на влажен песок. Ставете го како основа во обложен калап за торти.




Во 100-тина мл млеко растворете го шеќерот и двата пудинзи, а остатокот ставете го на оган да се загрее. Штом зоврие млекото намалете ја температурата и малку потргнете го тенџерето, па додајте го растворениот пудинг со непрекинато мешање. Вратете го тенџерето на оган и варете го кремот додека целосно да се свари и згусне.




Сварениот пудинг префрлете го во друг сад и оставете го целосно да се излади со повремено промешување за да не фати коричка (или одозгора покријте го со проѕирна фолија). Путерот (преостанатите 150 г) исечкајте го на коцки и оставете го да омекне на собна температура. Потоа пенасто изматете го со миксер.




Во изматениот путер започнете да го додавате изладениот пудинг, лажица по лажица, додека целосно да се соединат и инкорпорираат во нежна смеса. На крај додајте ги мелените/сечканите ореви и промешајте со лажица за да се изедначи. Добиената смеса рамноимерно распоредете ја врз бисквитниот слој и израмнете.




Во посебен сад изматете го маскарпонето со шеќер во прав, а во друг слатката павлака (660 мл). Соединете ги и додајте го какаото и млекото во прав. Сето убаво изматете го додека да се изедначи и да добиете убав, нежен, свиленкаст крем. Овој слој нанесете го врз претходниот. Распоредете еднакво и израмнете.




На површината наредете несолени пуканки. Може да купите и чоколадирани пуканки или некои други со сладок вкус, а можете и сами да ги испу-кате. На крај само ќе ви преостане да ја приготвите чоколадната глазура и да го изладите колачот.

На тивок оган загрејте 100 мл слатка павлака, но не дозволувајте да зоврие затоа што ќе го промени вкусот. Чоколадото искршете го на коцки и додајте го во топлата павлака и почекајте да се растопи.




Промешајте и кога ќе се изедначи нанесете врз пуканките прскајќи со лажицата за да добиете шари. Тортата изладете ја во фрижидер најмалку 2 часа пред послужување. Сите гости беа воодушевени и побараа уште едно парче. Рецептот е на прекрасниот вкусен блог кој можете да го погледнете ОВДЕ.