Иако бев дете, сепак се сеќавам на тие мириси, на целата таа празничната атмосфера, китењето, декорациите, возбудата, очекувањето и радоста поради гостите. Беше тоа осудесет и некоја година од минатиот век, а дома беа во тек подготовките за дочекот на Новата година.




Сè беше некако забрзано…се готвеа јадења, колачи, се мешаа мириси, огнот потпукнуваше во стариот шпорет за дрва, а родителите постојано се сопнуваа од нас обидувајќи се да ја приготват свечената трпеза.




Новата година отсекогаш беше голем настан кој се прославуваше во нашата куќа. Ама онака, навистина, многу голем настан! Никогаш не се сеќавам дека моите родители некаде одеа за овој ден, туку сите доаѓаа кај нас, роднини, чичковци, стрини, вујковци, вујни, пријатели, соседи…




Тато имаше еден чуден ритуал за тој ден пред дочекот на Новата година: ги вадеше сите врати во куќата, освен влезната и оние од wc. Спалните соби како и салонот, беа целосно отворени за гостите.




Во доцните часови, после доброто јадење и уште подоброто вино, се играше оро кое како на некој магичен начин врзуваше невидливи конци и со спојуваше сите луѓе фатени за орото. Децата учествуваа во сè – рамноправно! Се сеќавам на еден „специјалитет“ кој мајка ми го приготвуваше за секоја новогодишна ноќ: ПИЛАВ.




Порано тоа беше свечено јадење, а денес го јадеме речиси секој ден како прилог на сите јадења. Со тоај „главен’ зготвен оброк, тато подготвуваше телешко. Се сеќавам дека дебелите телешки шницли прво добро ги посолуваше, ги валкаше во брашно, кратко ги запекуваше на маст, а потоа ги динсташе со малку вода следните два часа.




Пред крај додаваше зачини, лук, црн пипер, ловоров лист… Ова јадење многу гордо го нудеше на гостите, велејчи им дека потполно сам, со своите десет прсти ги подготвил… Се правеа кифлички, руска салата, погачи, ванилици, васина торта, баклава, имаше сарма, а некогаш и понекој голем крап.




Имаше некои јадења кои со задоволство се правеа, а со уште поголемо задоволство се јадеа за Нова година. Денес сè е поедноставно: одиш во продавница, до „скара на кило“, порачуваш кетеринг и сè ти пристига на домашна адреса, а домаќините одморени и свежи може на раат да си седат со гостите…




Па, дури и не мора дома да слават, можат да направат резервации во некој убав ресторан, хотел, кафеана… Меѓутоа, едно мора да се признае, храната никогаш не била повкусна како тогаш.




Бидејќи денес кога сè е така достапно, како да исчезнала желбата за подготвување на храна, за дружење со луѓето… На кое новогодишно јадење вие се сеќавате од вашето детство? Напишете коментар и споделете ги вашите сеќавања за дочекот на Новата година.