Шведската компанија Solar Tech која се занимава со продажба на решенија за чиста соларна енергија, разви уникатен систем за загревање на домовите кој се состои од кровни ќерамиди направени од обично транспарентно стакло. Овие феноменални плочки на кровот му даваат преубав стаклест изглед.
Она по што овие кровни ќерамиди се толку посебни и уникатни, со што се издвојуваат на пазарот, е тоа што се изработени од обично стакло и имаат приближно иста тежина како и оние изработени од глина. Овој систем не грее вода или вакуум цевки, туку чист воздух.
Стаклените ќерамиди се поставуваат на црно најлонско плато под кое се монтирани воздушни џепови. Црната боја ја апсорбира сончевата енергија и воздухот започнува да циркулира. Топлиот воздух се користи за загревање на водата, а тој систем е поврзан со куќниот систем за загревање преку акумулатор на топлина.
Убавината на системот е во тоа што ги намалува енергетските трошоци во текот на целата година и кога има облачни денови и навечер, благодарение на способноста да ја складишти топлината во изолационите слоеви под црното плато.
Овој енергетски систем генерира околу 350kWh топлина по квадратен метар во зависност од климата, како и од аголот и правецот на кровот.
Во 2009 година овој систем беше избран од страна на жирито и номиниран меѓу деветте други како “Најдобар нов материјал” (Hottest New Material).
Врз основа на гласовите од публиката, стаклените ќерамидибеа наградени со златен медал на саемот за градежништво North Building Fair во Шведска.
“Победничкиот материјал комбинира атрактивен материјал со есенцијални функции на чиста и одржлива енергија. Тоа е иновативен производ кој е многу добредојден” – изјавил претседателот на жирито, д-р Бенгт Толанен.