Рецептот е доста стар, а во минатото оваа торта била една од најомилените. Порано велеле: „Нема торта без ореви, путер и чоколадо“. Е па, оваа торта е токму таква, полн погодок. Некои ја знаат како „Интерконтинентал“ торта. Рецепт на Александра Цвејиќ.




Потребни состојки за една кора: 4 белки, 4 лажици шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, 3 лажици брашно, 5 г прашок за печиво (една лажичка), 3 лажици ореви и 1 лажица масло. Потребно е да се испечат 4 вакви кори.




Потребни состојки за крем: 16 жолчки, 200 г шеќер, 100 г брашно, 1 литар млеко, 250 г путер, 100 г ореви, 100 г црно чоколадо, 100 г бело чоколадо. Одозгора тортата можете да ја декорирате по ваша желба.




Постапка: јајцата оставете ги да отстојат малку на собна температура. Потоа разделете ги во посебни садови белките и жолчките. За првата кора потребни ви се 4 белки, а за кремот ќе ви останат вкупно 16 жолчки.




Веднаш вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени и пригответе еден калап за торти со мобилен обрач од 22 см и обложете го со хартија за печење. Белките пенасто изматете ги со помош на миксер.




Кога ќе добиете цврст снег-шне, додајте една кесичка ванилин шеќер и 4 лажици шеќер (може и постепено да го додавате шеќерот). Продолжете да матите додека убаво да се растопи и да добиете цврст и сјаен снег.




Потоа додајте една лажичка прашок за печиво во три лажици брашно, промешајте и додајте во снегот, а потоа додајте и 3 лажици мелени ореви. Мешајте полека и внимателно со лажица за да остане смесата воздушеста. На крај додајте и една лажица масло.




Добиената смеса откако убаво ќе ја соединете, рамномерно распоредете ја во калапот и израмнете. Потоа ставете да се пече во претходно загреаната рерна додека малку да зарумени и да почне да се одвојува од ѕидот на калапот. Проверете со чепкалка.




Подготовка на фил: од млекото одвојте малку (за жолчките), а остатокот заедно со шеќерот ставете ги на оган да се зготват на тивок оган. Во жолчките додајте 2 кесички ванилин шеќер и брашно, па промешајте со жица маталка додека да се соедини смесата.




Додавајте и од млекото кое го тргнавте настрана, и матете додека да добиете хомогена смеса без грутчиња. Кога млекото на рингла ќе зоврие, тргнете го на страна и намалете ја температурата. Додајте ги изматените жолчки со непрекинато матење и доварете го кремот додека да згусне како пудинг.




Сварениот крем покријте го со фолија и оставете го целосно да се олади. Путерот омекнат на собна температура изматете го пенасто, па соединете го со изладениот крем (со постепено додавање, лажица по лажица додека непрекинато матите.

Добиениот крем можете да го поделите на 4 еднакви делови, а во секој дел ќе ставите по една различна намирница. Во првиот дел ставете 100 г мелени ореви, во вториот дел ставете 100 г растопено бело чоколадо, во третиот дел растопено црно чоколадо, и четвртиот останува каков што е.

Кремот можете да го поделите и на три дела, а одозгора целата торта да ја покриете со шлаг и да ја наросите со мелени ореви. Редењето исто така е по ваш избор, а во случајот: кора – крем со ореви, кора – крем со црно чоколадо, кора – крем со бело чоколадо, кора и декорација. Деталите погледнете ги ОВДЕ.

Орев торта / Александра Цвејиќ
Орев торта / Александра Цвејиќ