Ако ги обожавате старинските слатки кои ги имаше во старите слаткарници и „семкарници“, тогаш овој рецепт сигурно ќе ви разбуди сеќавања од детството. Некогаш, но и денес овие слатки циглички за многумина се омилениот десерт.




Како мерка се користи шолја за кафе од 100 мл, а за рецептот ќе ви бидат потребни само пет состојки. Слатките цигли се чуваат во некоја затворена кутија, бидејќи ако ги оставите на отворено, со текот на време ќе се стврднат.




По вкусот потсетуваат на чоколадо, или можеби на алва, па дури и на тврд сладолед, но сите овие вкусови зависат од состојките што ќе ги одберете. Овој колач можете да го правите во милион верзии со уште толку вкусови.




Во рецептот што ќе го прочитате на Емилија Бечиќ, една од состојките е прашокот за пудинг, чиј вкус можете сами да го одберете (од чоколадо, ванила, јагода… а во рецептот на Емилија пудингот е од боровинка).




Наместо пудинг може да се додаде какао, неколку лажици, една рака сечкани ореви и лешници, бадеми, суво грозје, суви сливи, суви смокви..па ќе добиете вкус на чоколадо.




Исто така, ако ставате прашок за пудинг (кој патем, не треба да се вари со млеко според упатството на кесичката, туку се користи само прашокот како таков), може да додадете и неколку лажици шлаг во прав, па тогаш ќе добиете вкус на сладолед.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 шолји (од 100 мл) шеќер, 1 шолја млеко, 2 шолји масло, 5 шолји брашно, 2 кесички пудинг (со вкус по ваша желба). Мерите со една иста шолја за кафе од 100 мл.




ПОСТАПКА: во едно тенџере ставете пет шолји шеќер, една шолја млеко и две шолји масло. Ставете на оган за да зоврие и мешајте непрекинато додека убаво да се растопи шеќерот и да се изедначи смесата.




На страна во посебен сад измешајте пет шолји брашно и содржината од две кесички пудинг. Добро измешајте па додајте во смесата која врие. Потргнете го малку тенџерето на страна за да можете убаво да промешате.




Намалете ја температурата на умерено, па продолжете да ја готвите смесата со непрекинато мешање уште пет минути. Мора многу брзо да мешате, зошто многу лесно може да ви загори.




Една помала тепсија обложете ја со хартија за печење, па излејте ја смесата внатре, рамномерно распоредете ја и израмнете ја површината. Оставете да се лади, но не чекајте целосно да се излади. Кога ќе почне да се стврднува, внимателно исечете ги циглите и чувајте ги во затворен сад на собна температура. / Емилија Бечиќ

Цигли / фото: Емилија Бечиќ
Цигли / фото: Емилија Бечиќ
Цигли / фото: Емилија Бечиќ