РЕЦЕПТ на Јелена. Денес со вас сакам да споделам еден многу лесен рецепт за солени мафини. Мафините се многу вкусни, меки, воздушести, а се подготвуваат од само неколку состојки. Оваа количина што ја правам е за шест мафини, но вие слободно може да ја удвоите количината за повеќе мафини.
Со години ги правам и сите гости ги обожаваат. Ептен се брзи и лесни и секогаш кога немам време за да направам појадок или вечера ги подготвувам овие мафини. Одлично се комбинираат како закуска со кафе, а домашните повеќе ги сакаат солени отколку благи.
Може да додадете и сувомеснато месо во нив, јас ги правам со зеленчук и кашкавал и имаат неверојатен вкус. Се подготвуваат без капка масло. Единствено користам малку масло за премачкување на калапите да не се залепи смесата.
Потребни состојки: 2 јајца, пола ќесичка прашок за печиво, една црвена пиперка со средна големина, една тиквица, 250 г кашкавал, 125 г брашно и сол и црн пипер по вкус.
Подготовка: Во стаклен сад скршете ги јајцата и додадете сол и црн пипер по вкус. Јас додавам половина кафена лажичка сол и нешто помалку црн пипер, што е сосем доволно. Со жица за матење измешајте ги состојките, а потоа настрана изрендајте ја тиквицата на покрупно.
Ренданата тиквица се става во смесата со јајца и малку се промешува. Пиперката исечете ја на ситни делови и додадете ја во смесата. Исто се ренда и кашкавалот, 250 г или некое цврсто сирење доколку во моментот немате кашкавал. Ренданиот кашкавал се става во смесата и повторно се промешува.
Во приготвената мешавина започнете да го додавате брашното. Најпрво додадете половина од потребната количина и добро измешајте. Кога ќе се соединат сите состојки, додадете ја и другата половина. Соединете ги сите состојки и на крајот додадете половина ќесичка прашок за печиво.
Целата смеса изедначете ја. Во меѓувреме загрејте ја рерната на 200 степени. Овие мафини се печат за многу кратко време. Во калапите каде што ќе ги печете мафините, намастете ги модлите и наросете ги со малку брашно на дното и на страните.
Потоа со супена лажица додадете од смесата во модлите. Мафините се печат 30 минути на 200 степени. Во зависност од рерната може да се печат и 20 минути, значи потребно е да добијат убава румена боја и да се подигнат. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.