Овој колач е нешто највкусното што ќе го пробате, а особено е освежителен во текот на летниот период. Постапката за приготвување е лесна и едноставна, па така, нема да потрошите многу време во кујната, а сепак ќе добиете колач со колач на познатата „Шварцвалд“ торта која е позната по комбинацијата од чоколадо и вишни. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 јајца, 1 чаша шеќер (од 200 мл), 1 чаша масло, 1 чаша млеко, 2 чаши брашно, 2 супени лажици какао во прав, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 400 г вишни без семки, 2 супени лажици густин, 500 мл слатка павлака или шлаг, 300 г чоколадо




ПОСТАПКА: Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени. Во длабок сад скршете ги јајцата и додајте една чаша шеќер. Пенасто изматете ги со миксер додека шеќерот да се растопи, а јајцата да побелат, да згуснат и да станат кремасти, за околу 7-10 минути.




Во кремасто изматените јајца додајте по една чаша масло и млеко, па изматете уште минута-две додека да се соединат во смесата, а потоа додајте ванилин шеќер, две чаши брашно, една кесичка прашок за печиво и две супени лажици какао во прав.




На најмала брзина изматете со миксерот додека сите состојки се помешаат убаво и смесата да стане мазна, изедначена и без грутчиња. Матете околу 5-6 минути, а потоа излејте ја во претходно намастен и наросен со брашно, плех со димензии 36х21 см.




Рамномерно распоредете, израмнете и протресете го плехот пред да го ставите на печење. Во вишните додајте две супени лажици скроб/нишесте, па промешајте убаво да се нафатат. Ова ќе овозможи да не се лепат една од друга и да не пропаѓаат на дното.




Вишните наредете ги одозгора, најдобро со рака една по една за да останат на површината од смесата. Вака приготвениот колач ставете го во претходно загреана рерна на 180 степени и печете го околу 30-35 минути, во зависност од рерната.




Додека колачот се пече можете да го приготвите преливот. На многу тивок оган загрејте ја слатката павлака со чоколадото додека убаво да се растопи, но внимавајте да не ви зоврие. Печениот колач избоцкајте го густо со тенко стапче за ражен.




Потоа топлиот колач прелијте го со топлиот чоколаден прелив. Оставете да се олади на собна температура, а потоа оставете го во фрижидер да се лади неколку часови или најдобро преку цела ноќ. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.