Посни солени ролати кои не се печат за прослави и празници. Многу вкусни, се прават од една смеса, а излегуваат три различни ролати. Основната смеса е од солени крекери и варени компири, а преливот може да биде различен за да се добијат различни вкусови и бои. Практично мезе за секоја пригода.




Потребни состојки за основната смеса: 1.200 г компири, 400 г солени крекери, 250 г посен мајонез, сол по вкус (јас не ставам), 3 чешниња лук. Другите состојки може да бидат по ваш вкус. Еве некои од моите комбинации:




За првиот ролат: 1 лажичка куркума (за тестото), 50 г спанаќ, 100 г посен мајонез, 5 кисели краставички сол по вкус. За вториот ролат: 1 лажица оригано (за тестото), 3 лажици кечап, 180 г туна. За третиот ролат: 3 лажици ајвар (за тестото), 200 г слатка варена пченка, 100 г мајонез.




Подготовка на основната смеса: компирот излупете го и сварете го со лукот, додека да омекне. Потоа процедете и префрлете ги компирите во подлабок сад, но водата во која сте вареле зачувајте ја бидејќи можете веднаш во неа да ја сварите пченката и спанаќот, наместо да валкате други тенџериња.




Пченката се вари 5 минути, потоа ја процедувате, тргате настрана и во истата вода го варите спанаќот, исто 5 минути. Извадете го лукот од тенџерето бидејќи ни послужи само за блага арома.




Сварените компири испасирајте ги ги како за пире и оставете ги да се изладат. Солените крекери изблендирајте ги во блендер и додајте ги во пирето и се убаво измешајте со рака.




Додајте го мајонезот, сол по вкус и формирајте тесто. Се добива околу 1.500 г тесто, така што за секој ролат ви требаат околу 500 г. Тестото го делите на три еднакви делови.




Подготовка на првиот ролат: измешајте го тестото со куркумата. Куркумата е многу здрав зачин кој ќе даде прекрасен изглед на ролатот, посилна жолта боја која има посебен вкус, така што овој ролат ќе биде посебен. Ставете го тестото на хартија за печење и одозгора ставете уште една хартија.




Развлечете го тестото со оклагија во правоаголник со дебелина од половина сантиметар. Тргнете ја горната хартија и премачкајте со ситно исечкан спанаќ измешан со рендани или ситно сечкани кисели краставички, малку сол и мајонез. Сролајте го ролатот со помош на хартијата за да не ви распу-ка кората. Добро затегнете и ставете го во фрижидер да отстои преку ноќ.




Подготовка на вториот ролат: замесете го тестото заедно со ориганото и развлечете го со оклагија исто како и првиот ролат. Во посебна чинија измешајте туна и кечап и премачкајте ја кората. Сролајте на истиот начин како претходно и ставете во фрижидер на стврднување.




Подготовка на третиот ролат: се замесува тесто со ајварот и се развлекува. За филот: Измешајте го мајонезот и варената пченка, премачкајте го ролатот, завиткајте и ставете да се излади во фрижидер.

Целата постапка на подготвување нема да ви одземе повеќе од 1 час. По ладењето, ролатите се вадат од фрижидер и се сечат на помали ролатчиња. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.