Брз, сочен, неодолив десерт кој се приготвува многу лесно, како сладолед, а сепак на гостите можете да им го послужите и како торта. Не претеруваме кога велиме дека се приготвува за помалку од 5 минути, бидејќи навистина е така, уверете се и сами, а ќе yживате во секој залак.
Ледените десерти како што се сладоледите или сладолед тортите најмногу ни годат кога надвор температурите се високи, па потребни ни е нешто освежително за да нè разлади. Па, не мора повеќе да ги купувате, бидејќи брзо и лесно, без готвење и печење покрај шпоретот можете да направите одличен колач со чоколаден вкус кој ќе ве разлади во секој момент. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г засладена слатка павлака (хопла), 2 супени лажици нутела (или лешников крем по ваш избор), 300 г тенки наполитанки со вкус на чоколадо и лешник (ако се дебели внимателно поделете ги да бидат потенки).
ПОСТАПКА: Во подлабок сад за матење истурете ја слатката павлака која треба да биде ладна, од фрижидер. Доколку сакате побрзо и поубаво да се измати павлаката, оставете го и садот во замрзнувач неколку минути да се олади, но не мора.
Матете со миксерот неколку минути и штом забележите дека започнува да згуснува како полутечен крем, прекинете со матењето и додајте две полни супени лажици нутела или друг лешников крем. Доколку слатката павлака не ви била засладена додајте и две лажици шеќер во прав или по вкус.
Продолжете го матењето со миксерот додека нутелата да се инкорпорира во павлаката и да добиете убав, густ и нежен крем. Земете еден долгнавест и длабок калап со димензии 21х11 см, па намастете го на дното и страните со малку масло.
Потоа обложете го со проѕирна стреч фолија која многу лесно ќе се залепи. На дното распоредете една четвртина од кремот, па рамномерно израмнете. Наредете еден ред тенки наполитанки.
Потоа распоредете ја втортата четвртина од кремот, и продолжете го сè така редењето (крем-наполитанки), додека да го потрошите материјалот.
Завршете со крем, израмнете ја површината, па покријте со лист проѕирна фолија. Оставете 2 часа во замрзнувач, па отстранете ја горната фолија и тортата превртете ја врз десертна чинија. Пред послужување украсете по желба.