Можете сами да си направите сос за скара, а неговиот вкус е неспоредлив. Често се жалиме дека готовите производи што се нудат на пазарите се индустриски преработени и содржат штетни состојки. Од многу аспекти ваквата изјава е точна, бидејќи во овие прозводи се додаваат вештачки вкусови, засилувачи на вкусови, конзерванси и слично.
Во денешно време, ниту еден поборник за здрава храна не би купил готов „BBQ“ („барбекју“ – како што се нарекува) сосот за скара. Ќе ви претставиме неколку рецепти за овој сос, па според намирниците кои ги имате дома, пригответе си еден исклучително вкусен сос кој осван за скара, ќе можете да го користите и за други јадења.
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 доматно пире, 4 чепниња лук, 15 г магдонос (полна супена лажица), 15 г коријандер (полна супена лажица), сол по вкус, мелен црн пипер по вкус, мелен црвен пипер по вкус
Постапка: свежите зачини (магдоносот и коријандерот) измијте ги и оставете ги да се исцедат и исушат од водата. Потоа исечкајте ги колку што е можно поситно. Лукот исчистете го, па и него многу ситно исечкјате го или изрендајте го. Измешајте го со зелените зачини.
Доматното пире ставете го да проврие, па зачинете го со сол, црн пипер и црвен пипер по вкус. На крај додајте ги зелените зачини со лукчето, промешајте и вашиот сос е готов. Ова беше наједноставната подготовка. Следува рецептот на познатиот готвач Џејсон Хил. Тој користи повеќе зачини во подготовката на BBQ сосот.
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 лажица чили во прав, 1 лажица буковка, 1 лажичка куркума, 1 лажичка мелен ким, 1/4 чаша кафеав шеќер измешано со 1 чаша кечап, 1/4 чаша јаболков оцет, 1/4 чаша вода, 2 лажици меласа/малтекс, 1 лажица Ворчестер/„Вустершир“ (Worcestershire sauce), 1 лажица пире од свеж лук (2 чешниња ситно изрендани), 1 лажичка грубо мелен црн пипер
ПОСТАПКА: Добро измешајте ги сите состојки и ставете го овој едноставен сос за скара во едно тенџере на оган. Гответе со повремено промешување околу половина час на тивок оган. Внимавајте да не ви загори. Оставете да се олади прво на собна температура, а потоа и во фрижидер неколку часа.
За тоа време вкусовите убаво ќе се соединат и ќе се впијат. Се чува во фриидер до две седмици. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Следи уште еден едноставен рецепт за сос за скара кој малку е густ, малку е сладок, малку е лут, а толку е вкусен што може и на леб да се мачка. Најмногу потсетува на оној германскиот.
РЕЦЕПТ 3 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 150 мл вода, 1 парче рендан ѓумбир долго 3 см, 4 чешниња сечкан лук, 500 мл квалитетен кечап, 1 лажица бел вински оцет, 3 лажици сок од јаболко, 2 лажици Ворчестер, 3 лажици сенф, 1 лажица мед, 4 лажици кафеав шеќер, 1 лажичка сол, 4 лажици ракија или рум, 2 лажици екстракт од ванила, 1 лажица сечкани лути пиперки или димена лута пиперка во прав (намалете ја количината ако не ви се допаѓа лутиот вкус), 1 прстофат мелен ким
Ставете ги состојките во тенџере и вклучете ја ринглата на средна температура. Кога ќе ги додадете сите состојки, добро измешајте и оставете да се готви на ниска температура 30 минути со често промешување. Треба да стане густо, лепливо и да потемни.
Кога сосот е готов, користете го за да ги премачкате ребрата и да ги печете во рерна или на скара, батачиња или крилца на скара, како намаз за сендвичи или можете да го јадете со лажица – како сакате.