Ванилиците се популарни старински колачи кои ги обожававме кога бевме деца, а често се приготвуваат и денес поради нивниот извонреден вкус. Овие ситни колачи се топат во уста и се омилените слатки залаци за сите пригоди.




Се прават од тесто и се лепат по два бисквита со џем, а на крај се валаат во шеќер во прав помешан со ванила. Колку подолго стојат, толку стануваат помеки и повкусни. Честопати се организираат натпревари во приготвување на највкусните ванилици, па така наидовме и на овој одличен рецепт кој го испробавме и се воодупшевивме. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 125 г путер/маргарин/маст, 150 г шеќер, 80 мл масло, 2 јајца, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 1 прстофат сол, 80 г пченкарен скроб/нишесте/густин, 350 г брашно, 6 г прашок за печиво (1/2 кесичка или 1 мала лажичка), 150 г чоколадо, 100 мл слатка павлака




ПОСТАПКА: Путерот исечкјате го на ситни коцкички и оставете го да омекне на собна температура. Потоа додајте го шеќерот, па со виљушка или лажица испасирајте го добро додека да се соедини како крем.




Во омекнатиот путер додајте го маслото, па продолжете да мешате со лажицата/шпатулата сè додека да добиете изедначена смеса како јогурт. Следни на ред се јајцата кои треба да бидат отстојани на собна температура.




Скршете ги и додајте ги во мешавината од путер, масло и шеќер, па продолжете со мешањето сè додека да се инкорпорираат и да добиете изедначена, хомогена, мазна полутечна смеса. Додајте ванилин шеќер, прстофат сол и скроб/нишесте.




Мешајте енергично додека добро да се растворат состојките и соединат, како и да не останат грутчиња. Многу е важен редоследот на додавање на состојките, па затоа мешајте ги една по една, како што се наведени.




На крај додајте го брашното помешано со прашокот за печиво. На почетокот мешајте со лажица, а потоа замесете со рака додека да добиете мазно меко тесто кое не се лепи за ѕидовите на садот. Можете веднаш да ги обликувате колачите, а можете и тестото да го оставите малку да одмори во фрижидер.




Црпете со мала лажичка, обликувате топчиња со дланките и ако сакате да имаат шари, лесно притиснете ги врз цедлака или некоја решетка. Редете ги во плех обложен со хартија и ставете да се печат во загреана рерна на 170 степени, 20-тина минути или додека малку да заруменат од долната страна, а сепак горната да им остане бела.




Оставете ги да се оладат, па пригответе го чоколадниот фил. Загрејте ја слатката павлака во микробранова печка или на ниска температура на рингла, но внимавајте да не ви зоврие. Потоа прелијте го чоколадото искршено на коцки и промешајте додека да се раствори и соедини. Оставете го половина час во фрижидер да се стегне и згусне. Лепете ги колачите две по две со чоколадниот фил. Деталите погледнете ги ОВДЕ.