Нема ништо повкусно од старинските колачи кои се приготвуваат со маст, путер или маргарин, а се филуваат со ореви и џем, а одозгора се наросуваат со шеќер во прав. За овие колачиња во форма на ружички се вели: „Колку подолго стојат, толку се поровки и поубави.“ Пробајте го рецептот на Валентина за овие вкусни ружички кои може да ги правите на два начина, кои може да ги прочитате подолу во постапката.




Како и сите старински колачи, така и овие, за да се приготват потребни се само неколку евтини состојки. Колачињата можете да ги јадете додека се топли, но и да не ги изедете сите, тие не се расипуваат, напротив со стоење стануваат повкусни и се одлична декорација на масата. Исто така, можете и да си ги замрзнете и кога ќе ви се најават гости, само да ги извадите од замрзнувач да се одмрзнат и да ги послужите со кафе. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 20 г квасец, 1 лажица шеќер, 200 мл млеко, кора од 1 лимон, 2 кесички ванилин шеќер, 300 г домашна, свинска маст – можете да ја замените со маргарин или путер, 3 јајца, 900 г до 1 кг брашно. ЗА ФИЛОТ: 400 г домашен џем од сливи или по ваш избор, 10 лажици мелени ореви.




ПОСТАПКА: Во еден помал сад издробете 20 г квасец (1 коцка) и додајте 1 лажица шеќер, 2 лажици брашно и 1 чаша топло млеко (млако). Измешајте ги состојките со лажица, па оставете го квасецот настрана додека да се активира и да набубри, околу 10-тина минути. Настрана, во еден подлабок сад ставете ја домашната маст и енергично измешајте ја додека да стане потечна, како да се растопува.




Наместо домашна маст може да користите омекнат путер или маргарин, а според оригиналниот рецепт овие колачиња се прават со домашна маст. Доколку сепак се одлучите да ги подготвувате со путер или маргарин, омекнете го на истиот начин како и маста. Во маста додајте ги трите јајца и ванилиниот шеќер и сѐ заедно соединете во еднолична смеса.




Откако квасецот ќе набубри, додајте го во останатата смеса од маст, јајца и шеќер и повторно соединете со жица или маталка. На крајот, просејте го брашното и додавајте го постепено. Јас искористив вкупно 900 г брашно, а по потреба додајте и уште 50-100 г, во зависност од конзистентноста. Замесете фино и компактно тесто со средна цврстина, кое не треба да биде лепливо.




Тестото замесете го на набрашнета маса, а потоа вратете го во садот каде што првично го замесивте и покријте го со стреч фолија, па оставете да отстои во фрижидер минимум 30 минути до 1 час. Кога ќе го извадите од фрижидер, тестото дополнително ќе се стегне и ќе може полесно да се развлекува, без да се распаѓа.




Во меѓувреме подгответе го филот од џем и мелени ореви. По отстојување на тестото, префрлете го на рамна површина и развлечете го со дебелина од половина прст или малку помалку. Обликувајте го во правоаголник, а за страните да бидат рамни, исечете ги подебелите краеви кои потоа ќе ги споите во помало тесто кое потоа на истиот начин ќе го развлечете, сѐ додека да го потрошите.




Развлеченото тесто се сече на квадрати или кругови (може да се прави на два начина, доколку се одлучите за кругови, вадете ги со чаша) со големина по ваша желба, јас од едно тесто добивам 20 колачиња. Јас го сечев на квадрати, така ми е побрзо. На средина од секое квадратче ставете од филот (повеќе од 1 лажица) и со празните краеви затворете го тестото и залепете го на врвот.

Вака подготвените ружички редете ги во плех, намастен и обложен со хартија за печење и печете ги во загреана рерна на 170 степени, 20-25 минути. По печењето, ружичките се оставаат да се оладат, па се наросуваат со шеќер во прав и можат веднаш да се послужат или после неколку часа или следниот ден. Деталите погледнете ги ОВДЕ.