Фотографии и рецепт на Гордана Јакшиќ. Питата се прави брзо и без голема мака добивате кори кои се разлистуваат. Како фил може да користите што и да посакате, а може да ја правите и во слатка варијанта со џем или некое овошје. Основата за овој рецепт е некаде од интернет, но секако, го прилагодив по сопствен вкус.
Половина од белото брашно го заменив со брашно од спелта, но секако вие можете целото да го направите од бело. Интересен е начинот за обликување на тестото. Иако можеби ќе ви се чини дека е комплицирано, верувајте, многу лесно, едноставно и брзо се прави, само следете ја постапката од фотографиите.
Секогаш сум во дилема дали да ја наречам пита или погача, ама како и да е, многу е вкусна, мекана и растреслива. Почесто ја приготвувам со месо, но овојпат месарницата не работеше, токму кога јас сакав да ја правам, па затоа јадевме попроста варијанта која исто така е вкусна на свој начин.
Излегува доста количински, ние четворица возрасни ја јадевме и успеавме да изедеме само две третини. За да го приготвите тестото за питата ќе ви бидат потребни следните состојки: 500 мл млако млеко, 200 мл масло, 900 г брашно (450 г бело и 450 г спелтино) и уште малку за обликување.
Уште ќе ви биде потребно 10 г сув квасец, 1 лажица шеќер, 1 ½ лажичка сол, 1 јајце и 1 белка (1 жолчка се остава за премачкување) и уште малку масло за премачкувањето. За филување можете оваа варијанта: 250 г сирење и 250 г шунка по избор, или пак оваа варијанта:
1 главица кромид, 350-400 г мелено месо, сол, црн пипер и масло. Постапка: Ако ја правите варијантата со месо, тогаш прво издинстајте го ситно исечканиот кромид на малку масло, па откако ќе стане кромидот стаклест додадете го месото. Посолете, запиперете и кратко пропжете го додека да ја промени бојата и испарат течностите.
Оставете го филот на страна да излади додека го приготвувате тестото. Доколку се одлучите за варијанта со сирење и шунка, тука нема некакви претходни подготовки. Само ситно исечкајте ја шунката или изрендајте ја, а сирењето издробете го. Постапка за приготвување на тестото:
Просејте ги двете брашна заедно во некој сад, добро да се измешаат, па половина од таа количина ставете ја во садот во кој ќе го месите тестото. Тука додадете го квасецот, шеќерот, а потоа и маслото, млакото млеко, јајцето и белката, па убаво промешајте со лажица или жица за матење.
Месењето продолжете го со рака постепено додавајќи го брашното помешано со солта. Кога ќе завршите со месењето треба да добиете меко тесто. Од гранулацијата на брашното, односно колку е крупно, ќе зависи и тоа дали ќе ја потрошите целата количина.
За ова ќе процените сами во текот на месењето. Доволно е кога тестото ќе престане да се лепи за рака. Потоа тестото обликувајте го во топка, малку премачкајте го со масло, покријте го со еластична фолија и оставете го на топло место да стасува околу еден час додека да го удвои волуменот.
Стасаното тесто истресете го на работна површина и преполовете го. Двата дела малку премесете ги колку да формирате топчиња. Потоа прво едниот дел развлечете го со оклагија на набрашнета работна површина во голем круг со пречник од околу 50 см или приближно.
Развлечената кора премачкаате ја со две лажици масло, па рамномерно распоредете половина од филот (во овој случај само изрендајте сирење и шунка) оставајќи мал круг во средината да остане празен. На дното од поголема тепсија со пречник од околу 35 см ставете хартија за печење.
Во центарот од кругот на тестото направете дупче, па со прстите постепено ролајте ја кората кружно од центарот кон краевите насекаде околу, како што можете да видите на фотографиите. Кога ќе ја свиткате целата кора, пресечете ја на едно место и свиткајте ја во облик на полжав (како и обична домашна развлечена пита).
Повторете ја постапката и со втората половина од тестото и ставете ја ролната во тепсијата надоврзувајќи се околу првата. Тепсијата покријте ја со крша и оставете ја околу половина час на топло место за да стасува и да го зголеми волуменот. За тоа време загрејте ја рерната на 200 степени.
Стасаната пита премачкајте ја со изматена жолчка со малку масло или млеко. Питата ставете ја да се пече во загреаната рерна околу 30-40 минути, во зависност од рерната. После 20 минути или кога убаво ќе зарумени, намалете ја температурата на 180 степени или 150 степени.
Времето и температурата прилагодете го според вашата рерна. Проверете со чепкалка дали е готово. Извадете ја печената пита од рерна, покријте ја со крпа залку да се подизлади, па кршете ја со рака и послужете ја топла со кисело млеко или јогурт. Може да ја јадете како главен оброк или како закуска.
Еве уште една необична пита која ја претстави и објави Верица Николиќ – Пита која многу лесно и брзо се прави, без оклагија, без тегнење…Многу често ќе ја правите. Фотографии и рецепт на Верица Николиќ – Пита, која многу брзо и лесно се прави.
“Овој рецепт одамна го видов на интернет и оттогаш често го користам”, вели Верица и додава: “Многу лесно се прави, така што младите домаќини/ќи без проблем ќе си имаат на маса многу вкуса пита која и многу убаво изгледа. Моам да ви кажам дека оваа пита е вистински спас и за нас постарите домаќинки, бидејќи некојпат и не ми тегнат кори…
И да напоменам, филовите можете да си ги ставате по сопствен избор и вкус”. За да ја приготвите оваа пита ќе ви бидат потребни следните состојки: 450 г брашно, 300 мл топло млеко, 1 лажица сув квасец, 40 г растопен путер, 1 лажица шеќер и 1 лажичка сол.
За фил: 200-300 г домашно кравјо сирење, 100 г спанаќ, 2 страка млад кромид и 1 белка. За премачкување на питата: 1 жолчка, 1 лажица млеко и 1 лажичка масло. Постапка: Во подлабок сад за месење ставете го брашното, додадете шеќер, сол и сув квасец.
Промешајте. Постепено додавајте го топлото млеко и мешајте со лажица. Потоа со рака замесете тесто со постепено додавање на растопениот путер. Тестото се меси околу 5 минути, па обликувајте го во вид на топка. Тепсија со величина од 30 см намастете ја со путер или масло.
Замесеното тесто префрлете го во тепсијата (не треба да го оставате да стасува, туку веднаш префрлете го во тепсијата). Раката потопете ја во мешавина од вода и масло (само колку да ја натопите целата дланка) и рамномерно распоресете го тестото во целата тепсија, како кога се формира погача.
Покријте ја тепсијата со кујнска крпа и оставете го тестото да одмори околу половина час. За тоа време пригответе го филот. За фил: Спанаќот многу кратко избланширајте го (потопете го во врела вода и почекајте само водата да зоврие, па веднаш потоа потопете го во ладна вода – на тој начин ќе ја задржи убавата зелена боја).
Добро исцедете го и ситно исечкајте го. Ситно исечкајте и младо кромитче (во недостиг на млад кромид земете една главица стар кромид). Сирењето ставете го во соодвете сад и со виљушка издробете го. Додадете белка од јајце и соединете ја со сирењето.
Потоа додадете го спанаќот и младиот кромид, па сето добро соединете го. Ако е потребно посолете по вкус. Како се формира питата? Многу лесно. Имено, откако ќе стаса времето, повторно прстите натопете ги во мешавината од вода и масло, па започнете во тестото да правите концентрични кругови, започнувајќи 5 см од крајот на тепсијата, во вид на ролни правени од кори за пита.
Во просторот помеѓу круговите, во засеците што ги направивте со прстите, ставајте го филот. Притиснете го добро филот за да не “стрчи” над тестото. Покријте ја питата со кујнска крпа и уште еднаш оставете ја да одмори 15 минути. Потоа премачкајте ја со мешавина од жолчка, млеко и масло.
Ставете да се пече во добро загреана рерна на 200-220 степени. Штом започне да заруменува, намалете ја температурата на 180 и испечете ја до крај. Печената пита прекријте ја со кујнска крпа, оставете ја малку да подизлади, па послужете ја како главен оброк со јогурт, кисело млеко или салата по ваша желба.