Оваа пита ја правеше мајка ми, јас го наследив рецептот и сè уште ја правам зашто е најдобра. Питата најчесто ја филувам со сирење, а излегува мека како душа. Можеби ќе ве потсети на вкусните „Охридски пинерлии“, но се разликува во еден чекор.

Имено, секое парче пред да се стави на печење се потопува во растопен путер. на тој начин се обложува од сите страни и тоа му дава нежна тенка крцкава коричка со памук-мека внатрешност.




Печивото е многу вкусно, меко како памук, еден вид совршенство од квасно тесто (ферментирано тесто со квасец кое мора да стасува), полнето со сирење. Оваа пита мајка ми често ни ја приготвуваше, бидејќи е најубава од сите други, вели Аурора во својата презентација. Еве што е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за тесто): 300 мл млако млеко, 8 г сув квасец (една кесичка), 1 лажичка шеќер, 500 г брашно, 60 г растопен путер, 1 лажичка сол. ЗА ФИЛ: 200 г ситно сирење и 2 јајца И уште: 150 г путер и 1 јајце за премачкување.




ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете 250 мл млако млеко, а подоцна додајте уште приближно 50 мл ако е потребно. Додајте една кесичка сув квасец (8-10 г), 1 лажичка шеќер и убаво промешајте за да се растворат состојките.




Во течноста додајте половина од брашното, солта и растопениот путер (да не е врел, туку само растопен и млак), промешајте, па додајте го остатокот 50 мл од млекото и додека го замесувате тестото постепено додавајте брашно, во зависност од тоа колку ќе впива (секое брашно различно впива влажност).




Кога ќе се формира тестото истресете го на малку набрашнета работна површина и домесете го убаво додека да стане еластично и да не се лепи за рака. Потребно е да го месите околу 5-8 минути, а некогаш и пократко (кога ќе го боцнете со прстот, вдлабнатината веднаш се враќа и тоа значи дека тестото е добро измесено).




Измесеното тесто вратете го во чист сад и покријте го со фолија за да ферментира 15 минути. Нема потреба од многу стасување, доволни се 15-20-тина минути, особено ако овие печива ги правите летно време кога температурите се доста високи. Ако питата ја правите зимно време, тогаш просторијата во која работите треба да биде топла.




Во посебен сад ставете го ситното сирење и додајте две јајца. Едно јајце ќе ви остане за премачкување, а во посебна чинија растопете 150 г путер. Тестото со помош на оклагија развлечете во тенка кора 40х50 см со правоаголна форма (слично како кога правите бухтле).




Преку целата површина кората премачкјате ја со приготвениот фил од сирење и јајца, па исечете ја на три еднакви ленти (може одокативно, а може да користите и линијар). Од секоја лента-кора свиткајте по еден мал ролат, и на тој начин ќе добиете три ролати.




Плех или калап со димензии 23х23 см обложете го со хартија. Од секој ролат отстранете ги крајчињата (ако сакате може и нив да ги испечете), па сечете парчиња со должина од 4-5 см (да добиете по пет парчиња од секој ролат). Би требало ролатчињата да ви бидат со иста големина.

Исечените парчиња-ролатчиња потопувајте ги цели во чинијата со растопениот путер и редете ги во плехот едно до друго. Со преостантиот путер уште малку премачкајте ги „пинерлиите“ одозгора, а потоа и со една разматена жолчка.

Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени (за тоа време тестото уште малку ќе стаса), па кога ќе биде убаво врела, ставете ги да се печат приближно 30-40 минути или додека убаво да заруменат. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.