Испробајте го наједноставниот начин за правење на пита-бурек. Нема некој кој не може да ја направи, а вкусна е, прсти да излижеш. Не треба да знаете да развлекувате кори за да ја направите, а вашите најблиски ќе се радуваат до таванот.




Тестото е посно, се подготвува од 3 состојки, без масло и квасец, а филот го подготвувате по ваш вкус. Во рецептот подолу за филот се користи блитва, сирење и јајца. Фото и рецепт од каналот на Валентина Машковиќ.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500-550 г брашно, 1 лажичка сол, 250-300 мл вода. ЗА ФИЛ: блитва, сирење, јајца, но може и по ваш избор. Ќе ви биде потребно уште едно јајце за премачкување и домашна маст со малку масло.




ПОСТАПКА: Оваа пита е повкусна и од бурек, нема да најдете ваква ни во една пекарница. Во еден подлабок сад се става 550 г брашно, па се додава 1 мала лажичка сол. Потоа постепено се додава вода, ќе забележите колку ќе ви биде потребно, отприлика 250-300 мл.




Може да користите обична ладна вода бидејќи сега времето е топло и глутенот лесно се подготвува на топлото време. Замесете фино и меко тесто, коe нема да се развлекува, туку треба да ,,пука” како што ќе кинете парчиња.




Издвојте 7 делчиња од тестото и сите формирајте ги во круг, а потоа во подебел валјак. Настрана подгответе си смеса за премачкување. Тоа може да биде обично масло, измешано со домашна маст, или маслиново масло или растопен путер.




Подгответе си една тепсија и во неа премачкајте со маста. Потоа со прстите поминете ги сите седум делчиња од тестото, малку да се намастат. Како што ќе намастувате едно по едно тесто, мачкајте ги цели во маста и спуштајте ги во тепсијата.




Вака подготвено тестото се покрива со фолија и се остава да отстои 30 минути. За тоа време подгответе го филот: Во добро измиената блитва, јас имам цел полн сад, на тоа ставам 300-400 г сирење, 1 лажичка сол и 3 јајца. Во зависност од количината на блитвата, jа одредувате количината на сирење, а според тоа и колку ќе посолите.




По изминатите 30 минути, преминете на подготовка на тестото: секое тесто кое го одвоивте, префрлете го на намастена работна површина и со помош на прстите развлечете го колку повеќе можете. Не мора да формирате совршена кружна форма, може и елипсовидна, како што ќе ви се развлекува природно.




Од едната страна на кората премачкајте со филот, кој треба да го распоредите на 7 еднакви делови. Потоа тестото завиткајте го во долг валјак кој треба да го вртите како змија. Првата кора се става на средината од намастената тепсија,  а секоја наредна се врти околу претходната.




Пред да ставите на печење, питата се премачкува со 1 цело јајце. Се пече во претходно загреана рерна на 220 степени, околу 25 минути додека фати фина коричка одозгора. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.