Вкусни, меки, воздушести…Никој не може да им одолее! Крофните се омиленото печиво кое е заеднички и за децата и за возрасните. Меки и мирисни, наросени со шеќер во прав кој ви се лепи околу устата и носот додека уживате во вкусот…
Овој рецепт е еден од најдобрите кој постои за крофни кои се пржат во масло, а тестото за нивно приготвување содржи квасец, што значи дека треба да стасува. Но трпението се исплати, затоа што потоа ги добивате овие прекрасни, воздушести „топки“. Како придружен рецепт на овој ќе ви претставиме и втор, за кој има и видео презентација, а многу е сличен на нашиот.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (рецепт 1): 400 мл млако млеко, 1 коцка свеж квасец (40 г), 1 лажица шеќер, 2 јајца, 50 мл масло, 700 г меко брашно, 1 лажица сол, масло за пржење, 50 г шеќер во прав за наросување. По желба: еурокрем, џем, пудинг или нешто по ваш вкус за филување.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (рецепт 2): 40 г свеж квасец (1 коцка) + 2 супени лажици брашно + 3 лажички шеќер + 300 мл млако млеко, 500 г брашно, 3 лажици шеќер (може и помалку) 1 прстофат сол, 1 јајце на собна температура, 50 г путер, масло за пржење и шеќер во прав за наросување
ПОСТАПКА (рецепт 1): Во млако млеко разматете го квасецот со малку шеќер. Претходно издробете го за полесно да се раствори. Додајте половина од брашното и соединете ги состојките во мазна смеса.
Во помал сад разматете ги јајцата со сол, па додајте ги во смесата, а потоа и маслото, па сето убаво промешајте го за да се изедначи. Постепено додавајте ја и втората половина од брашното, па сето заедно измесете го со помош на миксер или рачно, во доста густо тесто.
Наросете одозгора врз тестото малку брашно, покријте го со сува крпа и оставете го на топло место да стасува додека да ја удвои големината. На работната површина наросете брашно на која малку ќе го премесете тестото, ќе го наросете со малку брашно и ќе развиете кора со дебелина од 1 см.
Со чаша или модла вадете ги крофните. Преостанатото тесто повторно премесете го, развијте го во кора и така сечете крофни додека да ви се потроши целото тесто. Кога сите крофни ќе бидат исечени, покријте ги со кујнска крпа или проѕирна фолија за да не се сушат, па оставете ги 20-тина минути колку да стасаат и малку да нараснат.
Крофните пржете ги со страната на која лежеле, сега да биде нагоре. Се пржат на умерена температура во преходно загреано масло. Кога ќе заруменат, свртете ги од другата страна.
Вадете ги на хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. Сè уште додека се топли можете да ги наросите со шеќер во прав и да ги полните со фил по ваш избор. Постапката за вториот рецепт погледнете ја во видеото ОВДЕ.