Овие солени палачинки или џиновски лепињи може да се послужат како предјадење или самостоен оброк. Рецептот го добив од тетка ми, но ни таа не го знаеше нивното име, па во тетратката ми стојат запишани без наслов. Сите состојки се во совршен сооднос, не би додавала, ниту би одземала нешто.
Оној кој го смислил овој рецепт, да му се позлатат рацете. Сѐ што треба да направите е да го подготвите тестото, кое не треба да го месите со раце, се излева, но малку е погусто. А додека тестото нараснува, се подготвуваат состојките за филот. Може да ставите фил по ваша желба, јас го правам најевтиниот и највкусниот фил со свежа зелка. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 2 јајца, 1,5 чаши топло млеко (300 мл), 1,5 чаши топла вода (300 мл), 1 лажица шеќер (20 грама), 1 лажичка сол (8 грама), 1 кесичка сув квасец (10 грама), 3 чаши брашно (360 грама). За филот: зелка (500 грама), 2 моркови, 1 компир, ситно сечкан магдонос.
ПОСТАПКА ЗА ТЕСТОТО: Јајцата, млекото и водата оставете ги да се стоплат на собна температура. Во еден подлабок сад скршете ги јајцата и разредете ги со жица или маталка, додека да станат пенасти. Посолете малку и повторно промешајте. Полека започнете да го сипате млакото млеко и млаката вода, па повторно соединете ги состојките.
Откога ќе ги додадете влажните состојки, започнете да ги додавате сувите. Додајте го шеќерот и квасецот, промешајте и почекајте 2-3 минути, додека квасецот да се активира. На крајот, постепено започнете со додавање на брашното, додека непрекинато мешате со маталката.
Важно е да не ви се направат грутчиња од брашното, затоа додавајте го на неколку наврати. Јас го ставам на три или четирипати, по малку. Потребно е да добиете густа и мазна смеса, без грутчиња, која може да се излева.
Покријте го садот со стреч-фолија и оставете да нарасне колку што е потребно. Јас обично го ставам на радијатор и нараснува за 30 минути. Во меѓувреме подгответе ги состојките за филот. Како што напишав погоре, филот може да го правите и по сопствен вкус, а доколку сакате нешто поедноставно, но сепак многу вкусно, направете го следниот фил со зелка, компир, морков и магдонос.
ЗА ФИЛОТ: 500 г зелка исечкајте ја на правоаголници, со големина на јуфки. Ставете ја во еден подлабок сад и прелијте со врела вода. Оставете ја зелката да отстои 15 минути. На овој начин ќе добиете совршено нежна зелка, а притоа, таа ќе омекне и ќе биде многу вкусна.
Морковот и компирот изрендајте ги на крупната страна од рендето, а магдоносот ситно исечкајте го. По отстојување на зелката, процедете ја од водата и соединете ги сите состојки за филот. По вкус, во филот може да додадете малку сол. Надојденото тесто малку промешајте го за да излезат вишокот гасови, па соединете го со зеленчукот.
Измешајте, додека да се формира хомогена смеса. Во едно тавче на рингла, намастете со малку масло, со помош на четкичка и почекајте да се загрее на средна температура. Излејте малку од смесата, јас ставам 2 кутлачи, за да се опфати целото тавче.
Пржете неколку минути од едната страна, додека питата да фати коричка, а по потреба одозгора додавајте масло. Превртете ја питата од другата страна, покријте со капак и гответе уште 3-4 минути, додека добро да се испече однатре и да фати коричка и од втората страна.
Испечените пити се редат во чинија, една врз друга. Обично излегуваат 6 големи пити, во зависност од големината на тавчето. Деталите погледнете ги ОВДЕ.