Има еден рецепт кој го прават Италијанците. Од зелените оревчиња кои сте ги употребиле за да приготвите оревовка, после процедувањето тие прават многу убаво вино. Еве каква е постапката во рецептот…
Тие половинки од 40 зелени оревчиња откако ќе ја процедите оревовката, вратете ги во чиста и стерилизирана тегла, па прелијте ги со еден литар домашно бело вино. Добро затворете ја теглата и оставете ја 2-3 месеци во подрум, на ладно. За тоа време убаво ќе си созрее виното.
По изминатото време, процедете го, и ќе добиете „свето вино” за пиење, кое некои го чуваат за да го отворат дури на Велигден, за да го прослават овој голем христијански празник.
Виното се нарекува „Санто вино“ и се пие за Велигден и се послужува заедно со традиционалната погача. Секако, виното не мора да го чувате толку долго и можете да уживате во неговиот вкус веднаш штом е готово.
Оревите кога се ставаат во виното не смеат да бидат суви туку треба да содржат малку сируп од оревовката. Се користи само бело вино, затоа, не импровиризирајте со црвено или црно.
Инаку, оригиналното „Санто вино“ потекнува од Тоскана и се произведува од бело сортно грозје. Грозјето се суши врз сламарици или обе-сено на греди, во топли и проветни простории.
На овој начин Италијанците го приготвуваат „Санто виното“ кое технички е десертно, а по вкусот може да биде суво до многу слатко. Бурињата во кои се произведувало ова вино најчесто се бележело со крст за да се означи неговата светост.
КАКО СЕ ПРИГОТВУВА ОРЕВОВКА: Ликер од ореви: мевлем за желудникот и штитната жлезда
Ликерот од ореви, уште познат и како оревовка, во народната медицина веќе со години се користи како природен лек за штитната жлезда и дигестивни проблеми.
Рецептот за негово приготвување може да се најде во манастирските записи, бележниците на старите билкари, како и во хрониките на некогашните аристократски куќи, бидејќи со векови служел како универзален тоник за здрав стомак.
И денес за многумина претставува „прва помош” за желудочни проблеми и како природен лек против анемија и јакнење на кр-вта. Се приготвува овој период од млади, сè уште зелени оревчиња. Недозреаните плодови од орев со мека средина, се природно богатство на витамин Ц и јод.
Освен витамин Ц и јод, оревите содржат повеќе од 50% на масла, незаситени масни киселини, белковини, аминокиселини, минерали, јагленихидрати и во мали количества од витамините Е и Б6.
„Оревовката” е само еден од напитоците кои можат да се направат од ова лековито дрво. Освен плодовите, за приготвување на разни чаеви и сирупи, се користат и листовите, а доколку сакате да го приготвите највкусниот колач, пригответе го токму од мелени ореви.
Ликерот е најдобро да се пие кога е разладен на температура од 0 до 5 степени. Може да се консумира пред и после оброк, а одличен вкус дава и кога се меша со безалкоxолни напитоци.
Оревовката (кај народот често се користи називот „Оревовача”) е подеднакво делотворна и за ублажување на дигестивни тегоби како дијареа, опстипација, ждригавица, подуен стомак, па сè до гpчеви и желудочни инфекции.
Ова е најпознатиот, изворен народен рецепт кој можете да го надополните со состојки по ваша желба (ванила, портокал…).
Потребни состојки: 40 млади зелени оревчиња, 800 г интегрален шеќер, 4 каранфилчиња, 1 лимон исечкан на тркалца и 1 литар домашна ракија
Постапка: оревчињата измијте ги, засечете ги (носете ракавици), а ако се поголемки, пресечете ги на половина. Лимонот измијте го, па и него исечете го на парчиња. Додајте шеќер (или мед), каранфилчињата и домашната ракија.
Добро промешајте за да се раствори шеќерот и затворете ја стаклената тегла. Оставете ја 40 дена на сонце со секојдневно протресување. Не треба да ја отворате. После 40 дена ликерот процедете го низ газа и прелијте го во шише. Се чува на темно и ладно место.
Се пие по една ракиена чашка на ден, најдобро наутро, на гладно (да ја одбегнуваат само луѓе со претерана работа на штитната жлезда – хипертироидеа). За проблеми со желудникот може да се пие по една ракиена чашка наутро и една навечер.