Кога за првпат го пробавме ова кај другарка ми Сашка, беше послужено како предјадење и на почетокот мислев дека е похуван кашкавал. Но, откако го пробав, навистина не знаев што јадам. Многу ми личеше на похуван кашкавал, но вкусот беше поинаков и малку посладок.




Се разбира, веднаш побаравме рецепт, а оттогаш го имам приготвувано безброј пати, па дури и го унапредив стариот рецепт, воведувајќи пармезан кој дава одличен вкус. Може погодувате за што станува станува збор – похувана палента.




Вака приготвената палента многу ми се допаѓа и често ја правам за појадок или вечера, а особено за предјадење кога ни доаѓаат гости. Дома секогаш има натпревар за парче плус, и тоа додека сè уште се топли, дуваат во нив или ги ладат во сос од кисело млеко, сенф и магдонос. Еве што е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за основна смеса): 100 г инстант палента, 20 г рендан пармезан (1/2 кесичка). И уште: 1 поголемо јајце, брашно и презла/лебни трошки за похување. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА СОС: 3-4 лажици кисела павлака, 1-2 лажици сенф, 1-2 лажици сечкан магдонос и малку сол по вкус




ПОСТАПКА: Во тенџере ставете вода според упатството и количината што ќе ја приготвувате. Јас користев 100 г инстант палента. Ставете ја палентата во водата и варете ја на тивок оган со повремено промешување, особено кога ќе почне да згуснува.




Кога ќе се свари палентата, тргнете ја од оган и додајте го пармезанот. Брзо промешајте за да се растопи. Зачинете со сол и мелен црн пипер, па промешајте за да се изедначи сето. Палентата излејте ја во некој плиток сад, да биде со дебелина од 1 см и оставете целосно да се олади и да се стегне.




Најдобро би било доколку имате силиконски сад или пак, калапот обложете го со проѕирна-стреч фолија за да можете полесно да ја превртите оладената палента и да ја исечете на коцки, штангли или стапчиња, како повеќе преферирате.




Во посебни садови пригответе изматено едно или две јајца, брашно и презла. Секое парче палента најпрво набрашнете го од двете страни, па натопете го убаво во изматеното јајце и најпосле обложете го убаво со презла/лебни трошки.




Пржете ги во загреано масло на умерена температура. Готовите парчиња палента редете ги врз кујнска салветка за да се впие вишокот маснотија, па послужете ги како предјадење со сос. Еве како да го приготвите сосот:




За сос: Промешајте кисела павлака со сенф и сечкан магдонос. Посолете и добро промешајте, па вкусете и зачинете по вкус. Може да додадете и рендана кисела краставичка. Со похуваната палента наместо сос може да се послужи прилог од динстан зеленчук.