Рецепт и видео прилог на Валентина Машковиќ: Влашка пита

Потребни состојки:

600 г брашно
2 лажички сол
30 г квасец
200 г путер/маргарин
300 г сирење
6 страка млад кромид само зелениот дел
сусам или ленено семе за наросување
малку црвена зачинска пиперка во прав
2 јајца за премачкување

Постапка:

Во 600 г брашно направете вдлабнување, наросете две мали лажички сол и изронете 30-тина г свеж квасец. Со млака вода замесете средно меко тесто кое не се лепи на раце. Тестото поделете го на 6 делови и од секое формирајте топче. Оставете ги 10-15 минути да одморат колку да се опушти тестото.

Путерот растопете го и тргнете го на страна, кој ќе го користите за премачкување на корите. Сирењето издробете го, а младиот кромид ситно исечкајте го и малку посолете го. Истискајте го со рака за да омекне.

Земете едно топче тесто на набрашнета површина и со помош на оклагија развлечете тенка кора. Преку целата површина премачкајте ја кората со растопен путер, па наросете сирење и млад кромид. Одозгора преклопете со друга кора и со дланките притиснете одозгора за да се соединат.

Постапката повторете ја, редете ги корите една врз друга, а помеѓу премачкувајте ги со путер и редете сирење и кромид. Врз шестата кора не се става фил. Превртете ја питата, така што последната кора да дојде најгоре. Наросете сусам или ленено семе по желба и поминете со оклагијата за да се залепи семето во тестото.

Повторно превртете ја питата и развлечете ја дебелата кора во форма на правоаголник. Одозгора премачкајте ја со едно разматено јајце и наросете со сусам и црвена зачинска пиперка во прав. Со остар нож сечете ленти со дебелина од приближно 2 см.

Секоја лента виткајте ја спирално и редете во плех претходно намастен и обложен со хартија за печење. Одозгора премачкајте со уште едно јајце и оставете да стасува половина час. Рерната загрејте ја на 200 степени, а кога ќе ја ставите питата намалете на 180 степени и печете ја 30-35 минути. Деталите можете да ги погледнете во видеото: