Фото и рецепт: Mi Zlica – Марокански колач со портокали и бадеми (Мескоута). Ако сте љубител на ориентално слатко-сочни колачи, овој мора да го пробате.
Потребни состојки: 1 портокал – рендана кора и сок од ½ портокал, 115 г путер, 115 г шеќер (јас ставив половина бел и половина кафеав шеќер), 2 јајца, 175 г гриз, 100 г мелени бадеми и 1,5 чајна лажичка прашок за печиво
За прелив: 300 мл сок од портокал (4 помали или 3 поголеми портокали), 130 г шеќер и ¼ чајна лажичка цимет или кардамон.
Постапка: Пенасто изматете го путерот кој претходно омекнал на собна температура, додајте му шеќер и рендана кора од портокал. Убаво измиксајте. Потоа додавајте едно по едно јајце и добро изматете со миксерот додека целосно да се соединат.
Во посебен сад измешајте ги сувите состојки, па постепено додавајте ги во изматениот путер и рачно мешајте со шпатула додека да се изедначи смесата.
На крај додајте сок од половина портокал и повторно добро измешајте, па смесата рамномерно распоредете ја во намастен плех (со путер) со димензии 10х30 см (оној за леб или ролат).
Печете во претходно загреана рерна на 180 степени околу половина час. Проверете со чепкалка дали колачот е печен (ако чепкалката е сува кога ќе ја извлечете, значи дека е печен).
Колачот добро избоцкајте го и оставете го да се олади, а потоа прелијте го со врел сируп.
Сирупот се приготвува така што 300 мл сок од портокал заедно со шеќерот и циметот се загрева до вриење, а потоа се намалува температурата и се вари уште 5 минути.
Почекајте сирупот убаво да се впие, најдобро преку цела ноќ, а потоа уживате во овој колач покрај шолја кафе или чај.
Фото и рецепт: Mi Zlica