Кога ќе помислам што да направам денес за ручек, а да биде брзо и вкусно, веднаш ми текнува на овие мали питички кои се готови за час, а се јадат со брзина на светлината. Може да ги правите во посна или во мрсна варијанта. Моите дечиња ги сакаат со сирење, а јас и сопругот постиме, па за нас ги правам со посен фил.




Од 4 готови кори за пита добивате 6 питички кои најадуваат и заситуваат за кратко време. Од што се многу вкусни, јас ги направив во двојна доза и цел плех го исполнив со нив. Нема да потрошите ни цело пакување од корите, а ќе добиете многу вкусен ручек. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 8 листови готови кори. ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 100 мл вода, 100 мл масло. ЗА ФИЛОТ ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 400 г сирење (можеби и помала количина), 1 јајце, по потреба посолете ако сирењето е несолено, 8-10 полни лажици ајвар, 100 г презла. Доколку питичките ги правите посни, изоставете го сирењето и јајцето.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад подгответе ги состојките за филот со сирење. Издробете го сирењето на поситни парчиња и прво дегустирајте го за да знаете дали е потребно да додадете сол. Доколку сирењето не е солено, посолете по вкус. Во сирењето додајте 1 јајце и убаво разматете го.




Сирењето кое јас го користев беше многу суво, па додадов малку млеко, додека да се разреди, а наместо млеко може да ставите и 1-2 лажици павлака, дава убав вкус. Измешајте ги состојките, а настрана подгответе си го ајварот. Во посебен, помал сад, измешајте масло со вода, за премачкување на корите.




На една дрвена даска ставете ја првата кора и премачкајте ја со мешавината од масло и вода. Доколку кората ви е премногу тенка, како мојата, ставете 2 кори, како за почеток, а потоа редете по една одозгора. Откога ќе ја премачкате првата кора со масло и вода, ставете од филот со сирење и распоредете го подеднакво низ кората.




Одозгора ставете ја третата кора и премачкајте ја само со мешавината. Четвртата кора премачкајте ја и повторно ставете на неа од филот. Поделете ги корите на половина, од подолгата страна и секоја кора поделете ја дијагонално на три делови (како за кроасани), така што ќе добиете 6 помали кори.




На секој подолг дел од триаголничињата кои ги исековте, ставете по 1 лажица ајвар и завиткајте од две страни на ајварот, па потоа завиткајте како ролат, до другиот крај (погледни видео). Вака подготвените ролатчиња мачкајте ги со маслото и водата, а потоа валкајте ги во презла-лебни трошки, која дава многу убав вкус.




Ролатите редете ги на плех, обложен со хартија за печење и печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени, 20-25 минути, во зависност од јачината на рерната. Послужете ги топли. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.