Масло од коморач/морач/македонски анасон/ Foeniculum vulgare
Маслото од коморач се користи во фармацевтската индустрија но и во народната медицина како средство против подуеност на стомакот, за поттикнување на дигестијата, за ослободување од слуз, за поттикнување на продукција на мајчино млеко, за промивање на воспалени очи, како и за козметички облози.
Содржи етерични масла, витамин Ц и Е, како и калиум. Ја поттикнува добрата дигестија и го смирува нервниот систем. Коморачот е познат по својата способност за ослободување од гасови.
Семето од оваа билка делува против спазми и ги ублажува грчевите во желудникот. Богат извор е на калиум, па добро влијае и за здравјето на срцето.
За луѓето кои ја сакаат типичната западна исхрана, со внес на коморачот во својата исхрана може да го редуцираат високиот притисок. Влегува во состав на детските чаеви. Многу поволно делува против стомачни болки кај бебињата (чај од семе на коморач).
Фото и рецепт: Маја Вебер
Маслото од коморач се приготвува многу едноставно: наберете свежа билка, само меките делови, бидејќи гранчињата се жилави, па наполнете го блендерот колку што собира, додадете маслиново масло и изблендајте.
Содржината ставете ја во тегла и дотурете маслиново масло, да има барем два прста над билката. Маслото се чува во фрижидер и се користи уште следниот ден, со додавање во јадења или по потреба во лековити цели.
Најдобро е да се искористи максимум во рок од три месеци.
Користење и дозирање: наутро на гладно и навечер пред спиење по една мала лажичка.
МАКЕДОНСКИ АНАСОН
Македонскиот анасон (Foeniculum vulgare) е многу важна лековита, ароматична, зачинска, медоносна, хранлива и индустриска билка.
Како двегодишна или повеќегодишна билка расте диво или полудиво, а најзастапена е во Јужна Европа. Има вретенест корен, со разгрането стебло до висина од 1-2 метри. Листовите се иглесто кончести, како и кај другите мирудии.
Воопшто анасонот наликува на мирудија, но е покрупен, поразгранет, посилен и поголем. Има жолти цветови кои наликуваат на големи штитови на врвот од стеблото и гранчињата.
Целата билка има силен и пријатен мирис кој особено се ослободува кога ќе се протрие низ прстите. Има сладок вкус и е многу ароматичен. Затоа, несомнено, анасонот го нарекуваат „слатка мирудија“.
Постојат и „лоши“ видови на анасон кои се познати по лутиот и горчливиот вкус, како и по помалку пријатниот мирис. Речиси во сите земји со топла клима се одгледува анасонот. Се сее во март на растојание од 40х40, а бара длабока, добра земја и многу топлина.
Се бере зрелиот плод кој е целосно зрел кога на него ќе се појават сиви линии.
Употребата на анасонот и неговото етерично масло е многу честа и разновидна. Плодот од анасон посебно или во мешавина со други лековити билки со слично дејство, се користи првенствено за лекување на органите од дигестивниот тракт, белите дробови, како и за јакнење на апетитот. Често се употребува за корегирање на непријатниот мирис и вкус на лековите, и повеќе или помалку се состои и во лековите за олеснување на искашлувањето.
Кај нас е неопходен зачин во кујната, бидејќи во нашата исхрана е застапен гравот, зелката и други намирници богати со целулоза која тешко се дигестира и предизвикува мали тегоби во органите за варење.
Употреба во кулинарството
Свежи листови од анасон се употребуваат во сосови, супи и намази. Мелен, а понекогаш и цел плод се додава во брашното за печива и леб. Претставува еден од важните зачини за производство на ракијата анасонка.
Најмногу анасон трошат дестилариите на етерично масло, бидејќи од година на година расте потрошувачката на ова масло за производство на ликери, бонбони и други слатки и средства за уживање.