Пробајте го ова евтино јадење кое нема да ви одземе повеќе од 20 минути подготовка. Толку лесно се подготвува што во секое време може да го направите. Во неколку листови зелка наполнете од филот, свиткајте како сармички, а потоа похувајте ги и испржете. Може да се послужи како предјадење или главно јадење, ние најмногу го сакаме за вечера.




Состојките за филот може да ги подготвите по сопствен вкус, а јас ќе ви покажам рецепт од неколку едноставни состојки кои постојано ги имам дома, како зеленчук, сувомеснато итн… Јас обично јадењето го послужувам со павлака, на дечињата особено им се допаѓа бидејќи ги освежува. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 главица кромид, 1 поголема зелена и 1 црвена пиперка, 1 домат (опционално), 75 г шунка или некое друго сувомеснато, 750 г компири (околу 5 компири), неколку поголеми листови зелка, 3 јајца, 3 лажици брашно, 100 г лебни трошки, малку масло за пропржување на филот и зачини по вкус. ЗА ПОСЛУЖУВАЊЕ: павлака.




ПОСТАПКА: Излупете и исечкајте 1 главица кромид на ситни коцки, па ставете да се пропржи во тавче со загреано масло, на тивок оган. Повремено промешувајте, а во меѓувреме подгответе ги и останатите состојки за филот. Исечкајте ги двете пиперки на ситни коцки и извадете ги семките и дршката од нив, па ставете ги да се пропржат во омекнатиот кромид.




Потоа, исечкајте го доматот на ситно, па додајте го и него да се пропржи со останатите состојки. Повремено промешувајте во тавчето и гответе додека да испарат течностите од зеленчуците. Зачинете по вкус со сол, црн пипер и останати зачини по вкус. Исечкајте ја шунката, па додајте ја и неа во тавчето при крајот, па пржете уште неколку минути. Потоа тргнете го тавчето од рингла и оставете филот да се олади.




Во меѓувреме, излупете ги компирите и поделете ги на половина или на четвртина, па сварете ги во солена вода, додека да омекнат. Потоа, исцедете ги од водата и изгмечете ги со кујнска алатка за пире или со виљушка. Соединете ги компирите со филот и соединете во хомогена смеса. Потоа, преминете на подготвување на зелката.




Неколку листови зелка кои треба да бидат поголеми извадете ги внимателно и складирајте ги во подлабок сад во кој треба да прелиете врела вода. Покријте со капак и оставете да отстојат 30-тина минути во врелата вода. Потоа, извадете ги од водата и исечете ги на местото на срцевината (одозгора) во форма на триаголник (како на сликата). Започнете со филување на листовите, така што ќе ставате по 1-2 лажици на средина од листот зелка.




Завиткајте со горната страна која ја пресековте, така што ќе ги прекстите двата врвови, па потоа сролате го филот, како сармичка. Добро завиткајте и спакувајте ги сите страни, за да не излегува филот при пржењето. Кога ќе ги подготвите сите листови, направете мешавина од 3 јајца и 3 лажици брашно, добро изматете, па настрана подгответе си ги и лебните трошки, во посебна чинија.

Похувајте ги сармичките прво во јајцата и брашното, а потоа во лебните трошки и пржете ги во тавче со загреано масло. Гответе ги од сите страни додека да фатат коричка и да поруменат, со повремено превртување, а потоа послужете ги додека се топли. Од оваа количина излегуваат 5 парчиња, а по потреба зголемете ја количината. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.