Овие ситни колачи се приготвуваат во облик на тријаголници многу брзо и едноставно, а доколку немате калап – обликувајте валјак или сами со рацете обликувајте го тријаголникот. Рецептот е одличен и за млади домаќинки, почетнички во готвењето.

Состојки за првиот колач:

300 г мелени бисквити

125 г путер (половина од 250 г)

100 г шеќер во прав

150 г желе бонбони

100 мл сок од портокал

Состојки за вториот колач:

3 жолчки

50 г шеќер

100 г путер

130 г чоколадо

50 г мелени ореви

150 г мелени бисквити

50 г кршени бисквити

Постапка:

Изматете го пенасто путерот со шеќерот, па додадете бисквити и уште малку матете. Долевајте сок и месете со рака.

Може да се случи да ви затреба уште малку сок доколку бисквитите се посуви.

Овој колач може да биде и посен доколку користите посен кекс а желе бонбоните ако се направени од агар-агар.

Кога смесата е готова, ни прегуста ни преретка, додадете сечкано желе бонбони, па повторно со рака малку измесете и ставете во калап за тријаголници обложен со проѕирна фолија. Ако немате калап направете валјак или тријаголници на даска и обликувајте со рака.

Оставете да отстои.

За вторите тријаголничиња изматете ги жолчките и шеќерот со жица, па додадете путер и чоколадо, па ставете на пареа сето да се растопи и соедини (околу 10-тина минути).

Потоа тргнете од оган и додадете ги бисквитите и оревите, па сето измешајте го. Повторно обложете го калапот за тријаголници со фолија и излејте ја смесата и притиснете со рака.

Ако немате калап, почекајте малку да излади па со раце обликувајте валјак или тријаголници, па оставете да се стегне.

Најдобро и двата колачи да отстојат неколку часови во фрижидер.