Намазот од варени јајца во облик на еж е идеална декоративна салата која може да се послужи за секаква свечена пригода, особено за Нова година или Божиќ. Многу лесно и брзо се приготвува, а ефектна и сите ги воодушевува.
Празниците се приближуваат, па за Нова година направете необично, а вкусно предјадење. Наместо класичната pycка салата или мимоза на која сите сме навикнале, пригответе вкусен намаз од варени јајца во облик на еж или шишарка.
Можеби навидум ви делува компликувано, но овој намаз е најлесното нешто што ќе го направите. Се послужува со крекери или со фурнаринки доколку имате време да ги приготвите. Дефинитивно е најубав украс на трпезата кој сите сакаат да го пробаат. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 (намаз со облик на еж) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г крем сирење, 300 г солени крекери, 200 г кашкавал, 150 г бадеми, 4 варени јајца, 1 китка свеж копар/мирудија, 3-4 лажици мајонез, 2-3 чешниња лук, 1 црна маслинка
РЕЦЕПТ 2 (салата со облик на шишарки) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г крем сирење (или меко сирење по ваш избор изматен о со малку кисела павлака), 150 г кисели краставички, 200 г варено пилешко бело месо или шунка, 50 г мајонез, 1 чешне лук по вкус, сол, бадеми за декорација
ПОСТАПКА за рецепт 1: најпрво сварете ги јајцата, а потоа изрендајте ги, исто како и кашкавалот. Во подлабок сад измешајте ги јајцата, кашкавалот, крем сирењето и ситно сечканиот копар (или магдонос), додајте мајонез, мелен лук и добро промешајте.
Смесата треба фино да се изедначи. Потоа истресете ја врз чинија и обликувајте го ежот со долгнавесто носе, набоцкајте ги бадемите за да изгледаат како боцки (со остриот агол кон надвор), од маслинката направете очи и нос, а наоколу наредете ги крекерите. Изладете пред послужување. Еве како се прават шишарките:
ПОСТАПКА за рецепт 2: Во подлабок сад ставете го крем сирењето, додајте мајонез и мелен лук (исли истиснат низ преса/изрендан), па изматете со миксер за да добиете нежна, кремаста смеса.
Краставичките ситно исечкајте ги или изрендајте ги на крупната страна од рендето, а свареното пилешко месо или шунката исечкјате ги на ситни коцкички и додајте ги во претходната смеса од крем сирење и мајонез.
Измешајте сè убаво додека рамномерно да се распоредат состојките и смесата да стане компактна. Посолете и зачинете по вкус. Потоа од целата количина можете да обликувате една, две, три или повеќе шишарки, во зависност од вашата желба.
Формирајте долгнавести топки со облик на шишарка, па набоцкајте ги бадемите со овалниот агол кон надвор. Декорирајте со гранчиња свеж рузмарин кој најмногу наликува на боровите гранчиња, или пак со зелени гранчиња свеж копар/мирудија и мали шери доматчиња.