Слатки домашни кифли поубави од било која пекарница. Меки се како душа. Се филуваат со џем или крем по ваша желба со додаток од посебни трошки приготвени од путер, шеќер и брашно. Токму овие трошки го даваат специфичниот вкус на овие кифли.
Потребни состојки: 500 мл млако млеко, 1/3 лажичка сол, 10 г сув квасец (25 г свеж), 220 г шеќер, 3 јајца, 1 кг брашно +- и 180 г путер омекнат на собна температура. За фил-трошки од тесто: 80 г путер, 50 г шеќер, 130 г брашно, џем или крем по вкус и јајце со малку млеко за премачкување.
Постапка: Во еден подлабок сад ставете 500 мл топло млеко, прстофат сол, 10 г сув квасец, 220 г шеќер и 3 јајца. Изматете убаво да се изедначат состојките. Во течната смеса постепено додадете го брашното и продолжете да мешате со лажица.
Додадете и 180 г омекнат путер на собна температура, па продолжете со мешање. Тестото истресете го врз набрашнета површина, па продолжете да го месите рачно. Месете го додека да добиете меко, мазно тесто кое не се лепи.
Тестото покријте го со најлонска кеса и крпа, па оставете го на топло место да стасува околу 1,5-2 часа. Соединете со рака 80 г путер, 50 г шеќер и 130 г брашно, и месете додека да добиете ронливи трошки. Стасаното тесто поделете го на 20-22 топчиња.
Покријте ги со најлон кеса и оставете ги малку да одморат. Потоа секое топче со оклагија развлечете го овална кора, па на едниот крај ставете една лажица од претходно приготвените трошки и една лажица џем или крем по вкус.
Преклопете го филот и свиткајте ја кифлата, слично како што се виткаат сармите од зелка (види видео). Вака пригответните кифли наредете ги во плех обложен со хартија за печење, покријте ги со најлонска кеса и оставете ги да стасуваат 35-40 минути.
Одозгора премачкајте ги со изматено јајце и наросете ги со преостанатите трошки од тесто. Ставете ги да се печат во загреана рерна на 170 степени околу 30-35 минути, додека убаво да заруменат. Деталите можете да ги погледнете во видеото: