3 рецепти за обланди по рецепт на Слободанка Бошевска – Ристовска. Таа е голема домаќинка, а своите рецепти ги има споделено во малата книгичка, богата ризница од рецепти за разни македонски ситни колачи, кои се многу вкусни.




Интересно е тоа што некои колачи ги подготвува на толку различни начини, што не може да се одлучите кој колач да го направите. Сепак, иако станува збор за еден вид ситен колач, по нејзините рецепти – сите колачиња изгледаат привлечно и вкусно.




I РЕЦЕПТ – Фигаро обланди.

Потребни состојки: 3 кори за обланди, 600 г шеќер, 300 г путер, 300 г сечкани ореви, 8 жолчки, 2 ќесички ванилин шеќер, 1 пакување обланди. Постапка: Најпрво се подготвува гријаж од 300 г шеќер, кој се топи на рингла без вода во прикладен сад и кога ќе се добие боја на килибар се прелива врз подмачкан плех.




Откога смесата ќе се излади, се меле во машина за мелење ореви. Во друг сад на тивок оган заедно се варат жолчките, преостанатите 300 г шеќер, путерот и ванилиниот шеќер додека смесата да се соедини и да згусне.




Откога ќе ја подготвите смесата, во неа се додаваат претходно исечканите ореви и гријажот и веднаш се филуваат обландите. По желба може да се прелијат со глазура од топено чоколадо. Забелешка: Правилно е овие обланди да се сечат на “штангли.”




II РЕЦЕПТ – Пишингер обланди.

Потребни состојки: 250 г путер, 400 г шеќер во прав, 250 г чоколадо, 4 белки, 100 г пропржени мелени лешници, 1 ќесичка ванилин шеќер, 1 пакување обланди. За прелив ќе ви бидат потребни: 100 г чоколадо за готвење, 50 г шеќер во прав, 2 – 3 лажици млеко.

img class=”alignnone size-full wp-image-76699″ src=”https://nmd.mk/wp-content/uploads/2021/07/h1.png” alt=”” width=”600″ height=”74″ />


Постапка: Путерот се мати пенасто со 275 г шеќер во прав, потоа се додава 150 г стопено и изладено чоколадо, а смесата се мати со миксер кратко, до изедначување. Во оваа смеса се додава претходно изматениот снег од белки со 125 г шеќер, ванилиниот шеќер и мелените лешници.




Со овој крем се премачкуваат сите обланди освен последната, која се прелива со преливот од чоколадо, подготвен на следниот начин. Подготовка на преливот: Чоколадото се топи на тивко со 50 г шеќер во прав и 2 – 3 лажици млеко.




Кога смесата ќе се изедначи и чоколадото ќе се стопи, се промешува и се прелива преку последната обланда. Подеднакво се изедначува и колачот се остава да отстои во фрижидер до стврднување. Пишингер обландите најчесто се сечат 2,5×10 цм.




III РЕЦЕПТ – Мамини обланди.

Потребни состојки: 6 јајца, 300 г шеќер, 150 г чоколадо, 250 г маргарин / путер, 1 пакување обланди. Постапка: Јајцата се матат со шеќеот и се варат на пареа. Кога смесата ќе почне да се згуснува се додава изренданото чоколадо додека да се растопи, со добро мешање, па се трга од рингла и се остава да излади.




Во меѓувреме се мати маргаринот пенасто, па во него се додава лажица по лажица од претходно направената смеса и се продолжува со матењето додека да се добие крем смеса.

Со овој крем се премачкуваат корите, а над нив се става хартија за печење и некој тежок предмет за добро да се затегнат меѓусебе. По неколку часа, може да се сечат на коцки или “штангли.”