Ги обожавам солените ролати. Откако открив дека постојат, постојано ги правам како предјадење и закуска, како за редовни гости, така и за слави и разни свечени пригоди. Освен што се многу вкусни, тие се и многу декоративни.
Потребни состојки: 500 мл млеко, 9 големи лажици брашно (средно полни), 7 јајца, 300 г фета сирење, 100 г сусам, 100 г печени кикирики, 3-4 големи лажици павлака
Постапка: во подлабока чинија ставете го брашното и додајте млеко колку да се добие смеса како за палачинки. Остатокот од млекото ставете го на оган да зоврие, па потоа полека додавајте ја смесата со брашно.
Варете со постојано мешање додека да згусне, но внимавајте да не ви загори. Тргнете од оган и оставете да излади. Одвојте ги белките од жолчките и пенасто изматете ги во цврст снег. Во изладениот крем додајте ги жолчките и пенасто изматете.
Потоа додајте го снегот од белки и промешајте со шпатула или лажица за да остане смесата воздушеста. Рамномерно излејте ја во тепсија 42х28 см обложена со хартија за печење и печете во претходно загреана рерна на 170 степени околу 15 минути.
Печената кора ставете ја на влажна крпа (крпата не смее да биде многу влажна, туку само малку), па заедно со хартијата свиткајте во ролат, притоа внимавајќи да не ви испука некаде. Вака оставете да излади.
Додека ролатот се лади, пригответе го филот: Запржете го сусамот малку додека да добие жолтеникава боја (во сува, нелеплива тава со постојано мешање). Оставете да излади. Ситно исечкајте ги пржените кикирики.
Изрендајте го фета сирењето и соединете го со павлаката и посолете ако е потребно. Додајте ги сусамот и кикириките и соединете. Одвиткајте го ролатот, премачкајте со фил, оставете неколку лажици за премачкување на ролатот одозгора.
Внимателно свиткајте го ролатот, обвиткајте го со хартијата на која се печеше, а исто така и со влажната крпа, па оставете го во фрижидер да излади неколку часови.
Изладениот ролат сечете го со остар нож на парчиња од околу еден сантимер дебелина. Украсете по желба. исто така, филот можете да го менувате и да додадете состојки по ваш вкус.