Оваа торта-колач сите ја сакаме поради брзината на подготвување и тоа што се прави многу едноставно. Не треба да валкате дополнителни садови, доволно ви е еден сад за мешање, еден помал сад и калап со флексибилен обрач.
Вкусот потсетува на бисквитен сладолед, како сендвичите сладоледи што се продаваат во супермаркет. Моите дечиња ја сакаат баш поради тој вкус, кој во продавница чини многу повеќе и е многупати помал од количината која што јас ја правам.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл слатка павлака-хопла за шлаг (добро изладена), 150 г маскарпоне (или некое друго крем сирење), 100 г црно чоколадо, 50 г наполитанки, 200 г бисквити и 150 мл млеко.
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад измешајте ги слатката павлака која ќе ви биде потребна околу 500 мл, обично и по толку се продава во маркетите, значи 1 пакување. Додајте 150 г маскарпоне и со миксер изматете пенасто додека да се направи цврст шлаг.
Настрана ситно исечкајте 100 г црно чоколадо или може да го изрендате, па додајте го во шлагот. Додајте и 50 г блендирани наполитанки (опционално) кои може да ги иситните и со раце. Соединете ги сите состојки со шпатула додека смесата да стане еднолична.
Во калап со флексибилен обрач редете 200 г бисквити натопени во млако млеко. Јас потрошив вкупно 16 бисквити за долу и уште 16 за горе, вкупно 32 бисквити, но според големината на калапот може да одредите колку ви собира.
После првиот ред натопени бисквити се премачкува со белиот крем кој првично го направивте и убаво се измазнува. Измазнувањето треба да биде што е можно посовршено за да нема нерамнини на површината на тортата.
Кога ќе го измазните кремот, наредете уште еден ред натопени бисквити во млеко и целиот калап завиткајте го во проѕирна фолија. Ставете ја тортата во фрижидер да се стегне најмалку 4 часа, а потоа послужете. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.