Сандра од каналот „Реци пеци“ го направи познатиот ролат „Жирафа“ кој е многу вкусен и декоративен, но и количински излегува доста од него, а се подготвува за многу кратко време. Овој рецепт си го запишав пред точно 1 година кога многу ми се јадеше некој ваков сочен и деликатесен колач, кој навистина се топи во уста.
Смесата се подготвува многу лесно, најпрво се матат јајца, а потоа се додаваат уште брашно, какао, шеќер… Тоа се става на печење, а потоа се подготвува кремот. За еден ролат ќе ви бидат потребни 2 или 3 банани. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 јајца, 100 мл масло, 3-4 лажици врела вода, 6 лажици шеќер, 6 лажици брашно, 2 лажици какао, 2 лажици чоколадо во прав, 2 лажици прашок за печиво, 1 ванилин шеќер. ЗА КРЕМОТ: 3 кесички пудинг со вкус на чоколадо, 10 лажици шеќер, 700 мл млеко, 150 г путер, 3 лажици шеќер во прав, 150 г чоколадо за готвење, 2-3 банани.
ПОСТАПКА: Одвојте ги белките од жолчките во посебни садови. Белките ставете ги во подлабок сад и прво изматете ги нив со миксер додека да добиете цврст снег кој не паѓа од садот. Бидејќи во рецептот се користат 6 јајца, имајте предвид дека при матењето со миксер смесата многу ќе го зголеми својот волумен, па навремено одберете ги некој голем, длабок сад.
Жолчките изматете ги заедно со шеќерот додека тој да се растопи и да добиете густа, кремаста смеса. Потоа додајте го маслото и додека непрекинато матите наизменично додавајте ги и останатите суви и влажни состојки (врелата вода). Во оваа смеса на два-три наврати додајте го снегот од белки и промешајте со лажица/шпаљтула со бавни движења, додека да добиете фина, мазна, полутечна смеса. Од ова тесто одвојте 10 лажици кои ќе ги ставите во кујнски шприц или најлонска кесичка со пресечен агол. Оваа мала количина светло тесто се користи за обликување на шарите.
Земете еден голем плех каде што ќе го печете ролатот и обложете го со хартија за печење. Со направата за украсување направете мрежа (погледни видео) како жирафа. Тие шари може да изгледаат само како бели линии кои се надоврзуваат една на друга.
Вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени, а потоа испечете ја мрежата само 3 минути. Во меѓувреме во остатокот од смесата додајте го какаото и чоколадото во прав, па полека измешајте со лажица/шпатула/жица за смесата добро да се соедини, но сепак да се сочуваат малите меурчиња.
Кога мрежата што ја печевте ќе се подигне, излејте ја чоколадната смеса и пополнете ги празнините, израмнете и протресете го плехот, па вратете на печење на истата температура уште 20 минути. Додека бисквитот се пече, направете го кремот:
ЗА КРЕМОТ: Поголемиот дел од млекото ставете го во тенџере на оган, а во остатокот додајте го пудингот и добро измешајте го за да не останат грутчиња. Додајте шеќер по вкус и штом млекото зоврие додајте го разматениот пудинг со непрекинато мешање. Варете го на умерена температура, па додајте го чоколадото за да се растопи и соедини.
Сварениот пудинг се остава да се олади, покриен со проѕирна фолија за да не фати коричка, до собна температура. Кога бисквитот ќе се испече, треба веднаш да го завиткате во ролат со помош на хартијата за печење, па оставете да се олади.
Настрана изматете го путерот кој претходно треба да биде омекнат на собна температура заедно со шеќерот во прав. Оваа смеса соединете ја со оладениот пудинг, а потоа целосно филувајте ја кората од темната страна (мрежата треба да биде однадвор).
Убаво израмнете го кремот, а потоа на едниот крај додајте ги бананите , насечкани на повеќе делови за да се израмнат. Свиткајте го ролатот и ставете да се лади, а потоа пресечете го на посакуваната големина пред да го послужите. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.