Првиот рецепт е за ружички со фил од ореви, а вториот е многу едноставен рецепт за орасници, кој се приготвува само од неколку состојки. Рецепт за ружички е на Аурора Рецепти. „Нема кој досега не ги пробал, ова е стар рецепт на баба ми, таа ги правеше на маст и беа подеднакво убави, но јас направив некои промени и додадов путер“, вели таа.




Со путер излегоа уште помеки и повкусни, а и следниот ден се меки како душа. Рецептот може да го прочитате во продолжение. Толку многу се вкусни што цела куќа ќе ви замириса прекрасно.




Потребни состојки: 200 мл млако млеко, 8 г сув квасец, 100 мл масло, 4 лажици шеќер, 250 г путер, 2 жолчки, 1 цело јајце, 650-700 г брашно. За фил: 250 г ореви, 2 белки и една лажичка шеќер во прав.




Постапка за подготовка на тестото: Во поголем сад се додава млакото млеко, сувиот квасец и малку шеќер, се промешува и се остава малку да набубри. Потоа се додава маслото, двете жолчки, 1 цело јајце и преостанатиот шеќер.




Малку се промешува па се додава путерот, претходно отстојан на собна температура. Потоа постепено се додава брашното и се замесува тестото. Тестото се покрива со најлонска фолија и се остава да нарасне околу половина час.




Додека се чека тестото да нарасне, се разматуваат двете белки за фил, пенасто со 1 лажица шеќер во прав, па во нив се додавааат постепено оревите и се се меша. Од нараснатото тесто се вадат топчиња, па со рацете се развлекуваат, во круг колку што  можете повеќе.




На средината се става од филот, јас секогаш сакам да бидат богати на вкус, па ставам 1-2 лажици од филот. Потоа тестото се затвора како топче, а на врвот да изгледа како ружичка. На истиот начин се прават сите ружички.




Понекогаш половина од тестото го користам за да ги направам со фил од ореви, а другата половина ги правам со џем. Така може да направите и вие за да имате различни вкусови на трпезата.




Ружичките се редат на намастен плех со хартија за печење и се редат, но помеѓу нив треба да има простор бидејќи ќе нараснат при печење. Откога ќе ги наредите во плех, се оставаат да отстојат уште 10-тина минути за уште малку да нарасне тестото.




Ружичките се печат во претходно загреана рерна на 200 степени, 10-15 минути. Потоа се вадат од рерна, се остава да оладат, па се наросуваат со шеќер во прав. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.




II РЕЦЕПТ. ОРАСНИЦИ ЗА 20 МИНУТИ – ВКУСЕН И БРЗ РЕЦЕПТ. Потребни состојки: 3 белки, 200 г шеќер во прав, 125 г мелени ореви, 1 лажичка брашно, 125 г ситно сечкани ореви.

ПОСТАПКА: Во сад на пареа или директно на рингла на најтивко се матат белките со шеќерот во прав и кога смесата ќе се згусне се додаваат мелените ореви измешани со брашното. Смесата се трга од рингла и кога малку ќе се излади се вадат со лажичка, се спуштаат во сечканите ореви, се обликуваат како кифлички и се печат 15-тина минути на 150 степени.