Колачот е толку многу вкусен, што откако еднаш ќе го приготвите постојано ќе ви го бараат да им го правите. Не содржи јајца и млеко, па одличен е за оние кои ги одбегнуваат поради алергија или се на пост. Рецепт и видео презентација на Домашни рецепти.
Потребни состојки за кора: 400 мл вода, 13 лажици шеќер, 13 лажици брашно, 5 лажици мелен или блендиран лешник, 2 полни лажици какао, 3 лажици џем по ваш избор, 100 г посни мелени бисквити, 4 лажички масло и 1 лажица сода бикарбона
За фил: 125 г омекнат посен маргарин, 100 г шеќер во прав, 200 г посни мелени бисквити, 100 г какао крем табла (или друго посно чоколадо), 100 гр печени блендирани или мелени лешници и 200 мл сок од портокал. За глазура: 100 г какао крем табла (или друго посно чоколадо), 2 лажици масло
Постапка: веднаш вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени бидејќи колачот навистина брзо се приготвува. Во топла вода додајте шеќер и помешајте малку додека шеќерот започне да се растопува. Додајте џем, кекс, какао, масло и мелен лешник, па сето добро промешајте го.
На крај додајте го брашното и сода бикарбоната, па со жица добро изматете да нема грутчиња. Земете еден плех со димензии од 30х20 см до 33х23 см па добро намастете го со масло и наросете го со брашно. Брашното растресете го насекаде по плехот, а вишокот истресете го.
Приготвеното тесто за колачот истресете го рамномерно во плехот (кој можете и поедноставно да го обложите со хартија за печење), израмнете и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени приближно 20 минути или во зависност од вашата рерна.
Печената кора извадете ја од рерната и оставете да се олади. Јас ја превртев на хартија за печење, п врз даска за сечење месо, а со друга даска малку ја притиснав за да се израмни.
За фил: пенасто изматете го маргаринот кој претходно сте го оставиле да омекне на собна температура. Додајте му го и шеќерот во прав, па заедно изматете ги. Додајте мелени кекси и повторно изматете. Потоа додајте го мелениот лешник, чоколадото и сокот.
Изматете ги соте состојки заедно. Матете околу една минута додека да се добие кремаста страктура и мазна да може да се мачка. Врз печената и изладена кора нанесете го целиот фил, па убаво распоредете го и израмнете.
За глазура: чоколадото растопете го на пареа со две лажици масло, оставете некоја минута да се олади, па прелијте го рамномерно колачот. Оставете да се олади и да се стегне, па потоа послужете го и сладете се во неговиот вкус. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.