Ова е најмекиот и најмирисниот куглоф, со сечкани ореви и пудинг од ванила. Ќе yживате во секој залак во овој вкусен колач според рецептот на Ивана. Кога го приготвувам сите се воодушевени од вкусот, дури и пријателите од странство. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: (Состојките се мерат со шолја од 200 мл): 4 јајца, 1 шолја шеќер, 1 ванилин шеќер, 1 шолја масло, ½ шолја јогурт, ½ шолја млеко, 2 шолји брашно, 1 пудинг од ванила 40 г (не треба да се вари), 1 прашок за печиво 10 г и 1 шолја сечкани или мелени ореви




И УШТЕ: За калапот за куглоф да се премачка добро и нароси: 30 г маргарин/путер или 2 лажици масло и малку брашно. Куглофот добро се намастува на дното и страните, а доколку е ребраст се внимава и на секој агол. Потоа се наросува со брашно, се протресува под сите агли за да се нафати брашното, а вишокот се истресува.




ПОСТАПКА: Уште на самиот почеток вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени, бидејќи многу брзо се приготвува колачот. Во подлабок сад скршете ги јајцата и пенасто изматете ги (не мора да ги одвојувате белките посебно).




Матете со миксерот 5-6 минути, па започнете постепено да го додавате шеќерот и ванилиниот шеќер па продолжете со матење уште неколку минути додека тој целосно да се растопи, а смесата да стане густа и кремаста.




Потоа додајте една шолја масло, половина шолја јогурт и половина шолја млеко. Измешајте со лажица или шпатула за да се изедначи. А потоа додајте ги сувите состојки: брашното, прашокот од пудингот и прашокот за печиво.




Полека со лажица промешајте додека да добиете изедначена хомогена смеса. Во оваа смеса додајте една шолја ситно сечкани ореви (може и мешавина од мелени и сечкани, или микс од различни јатки по ваш вкус).




Промешајте уште малку, па добиената смеса излејте ја во претходно подготвениот куглоф и ставете да се пече околу 40-60 минути на 180 степени. Печениот колач оставете малку да излади, па извадете го од калапот и наросете го со шеќер во прав.




Исто така, по желба можете да го прелиете со чоколадна глазура или овошна глазура, или пак, ројал/глазура (изматен снег од белка со шеќер во прав додека да се постигне посакуваната густина).