Ако сакате за овие празници да ги изненадите домашните со нешто поразлично и многу вкусно, тогаш направете ја оваа чоколада торта, која со сигурност ќе се изеде целата. Сите што досега ја направиле, се пофалиле колку е добра по вкус, но и лесна за подготовка.




Можете да си ја направите за божиќните празници, бидејќи е мрсна, се прави со јајца, млеко, масло… Во секој случај, запишете си го овој рецепт или зачувајте си го и направете ја во прва пригода. Тортата се сече како ролат, наместо на вообичаените триаголни парчиња. Еве што ви е потребно за да ја направите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 80 г шеќер, 1 лажичка ванилин шеќер, 50 мл масло/растопен путер, 50 мл млеко, 80 г брашно + 15 г какао, 1 лажичка прашок за печиво, 30 г шеќер во прав. ЗА ФИЛОТ: 80 г рикота сирење или друго крем сирење за готвење (Маскарпоне), 40 г шеќер во прав, 15 г какао, 100 мл крем за готвење. ЗА ГЛАЗУРА: 80 г чоколадо, 30 мл топло млеко.




ПОСТАПКА: За подготовка на кората во два посебни садови издвојте ги белките од жолчките. Во садот со жолчките додајте го шеќерот и ванилиниот шеќер и изматете со миксер, додека да се добие фина смеса, со течна конзистентност. Потоа додајте го маслото/растопениот путер, па продолжете со миксање, до соединување.




Потоа се додава млекото и смеса убаво се изедначува. Тргнете го миксерот настрана, па додајте го брашното сосе какаото и прашокот за печиво, преку сито. Измешајте ја смесата со шпатула или лажица, за да не спласне од брашното. Настрана измиксајте ги белките со шеќерот во прав и кога ќе се формира цврст снег, додајте го на неколку наврати во смесата од жолчки и соединете.




Во плех со димензии 35х24 см, обложете хартија за печење и излејте ја смесата. Израмнете со шпатулата, па ставете на печење во претходно загреана рерна на 180 степени, 20-тина минути, во зависност од рерната. По печењето, кората оставете да се олади сосем накратко, околу 5 минути, па додека е уште топла, завиткајте сосе хартијата во ролат. Оставете така ролатот целосно да се олади, а во меѓувреме направете го филот.




ЗА ФИЛОТ: Крем сирењето (Рикота или Маскарпоне), измешајте го со шеќерот во прав, додајте го какаото и со шпатула соединете ги состојките. Излејте го кремот за готвење и изматете ги состојките додека да се направи мазен и кремаст фил.




Одвртете ја оладената кора и одозгора премачкајте ја со кремот. Повторно завиткајте во ролат и одозгора завиткајте со хартијата за печење. Ставете го ролатот во фрижидер, да се стегне околу 2 часа, па потоа извадете го од фрижидер и премачкајте го со глазурата.

ЗА ГЛАЗУРА: Растопете го чоколадото со млекото и прелијте го преку ролатот. Кога чоколадото малку ќе се стегне, послужете го ролатот со сечење на кругови. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.