Овој кох колач ќе ве врати во детството. Смесата е готова за 5 минути и вреди да си го направите. За мене не постои поквалитетен колач од кохот, ова е најсочниот. Брзо и едноставно се приготвува, а состојките лесно ќе ги запамтите, не се многу. Еве што ви е потребно за да си го направите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 4 лажици шеќер, 8 лажици гриз, 4 лажици брашно. ЗА ПРЕЛИВ: 1 литар млеко, 2 кесички ванилин шеќер, 3 обични лажици шеќер.




ПОСТАПКА: Од четирите јајца одвојте ги во посебни садови белките од жолчките. Потоа пенасто изматете ги белките со миксер додека да станат цврсти, па постепено додавајте го шеќерот, лажица по лажица, додека непрекинато матите со миксерот. Вкупно треба да додадете 4 лажици шеќер. Матете додека шеќерот да се растопи и да добиете цврст снег од белки.




Во цврсто изматениот снег започнете постепено да додавате една по една жолчка (вкупно 4, колку што има белки) додека матите со миксерот на една страна. Кога едната жолчка ќе се измати и соедини со снегот од белки, тогаш додајте ја следната жолчка.




Кога ќе ги додадете сите жолчки, во изматената пенлива смеса започнете да го додавате гризот, исто така лажица по лажица, вкупно осум лажици гриз. Овојпат смесата матете ја со најмала брзина на миксерот. Смесата треба да биде еднолична.




Во добиената мешавина започнете постепено да додавате четири лажици брашно. За мешање на брашноо не ви е потребен миксер, туку лажица или жица/маталка. Брашното се вмешува внимателно и нежно, со превртување на смесата за да се сочува нејзината пенливост.




Тепсија или калап со пречник од 20х32 см намастете го на дното и од страните со четкичка со малку масло, а потоа набрашнете ја површината која ја намастивте. Излејте ја смесата, распоредете еднакво и израмнете. Ставете да се пече во добро загреана рерна на 180 степени, 15-тина минути. По печењето, колачот се проверува со чепкалка дали е испечен однатре.




ЗА ПРЕЛИВОТ: Во ладното млеко кое треба да го сипате во тенџере додајте две кесички ванилин шеќер и 3 обични лажици шеќер и промешајте да се раствори. Печениот колач додека сè уште е топол прелијте го со млакото млеко.




Колачот оставете го во фрижидер да се олади пред сервирање или на собна температура преку ноќ. Колку подолго го оставите, толку повеќе ќе поприми од млекото и ќе биде посочен. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.




(втор рецепт) ЗЕБРА КОХ – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 јајца, 6 лажици шеќер, 6 лажици гриз, 2 лажици брашно, 3 лажици какао, 3 лажици млеко. ЗА ПРЕЛИВ: 1 л млеко, 6-8 лажици шеќер, 2 кесички ванилин шеќер.

ПОСТАПКА: Изматете ги жолчките и шеќерот, додајте гриз и брашно и убаво измешајте. Посебно изматете ги белките и додајте ги во жолчките. Поделете ја смесата на половина и во едната половина додајте какао и млеко.

Подмачкајте тенџере од 3 литри со малку масло и наросете го со брашно. Ставете 2 лажици од светлата смеса на средината, потоа 2 лажици од какао смесата во јадрото на белата смеса и така додека да се потроши целиот материјал. Се пече во загреана рерна додека да порумени.

Во меѓувреме зовријте млеко, шеќер и ванила. Млекото се остава да се лади и полека се прелива врз печениот колач. Убаво е и за око и за вкус. / Coolinarka.com