Брзо се приготвуваат, многу се вкусни, дури и следниот ден се многу меки и свежи. Сигурна сум дека ќе ви се допаднат, ова се најдобрите панцероти од рерна.
Потребни состојки: 200 мл топло млеко, 100 мл топла вода, 100 мл масло, 1 кесичка сув квасец или ½ свежа коцка, 1 лажичка шеќер, 1 полна лажичка сол, 500-600 г брашно, 1 јајце за премачкување и сусам за наросување. За фил: Шунка, печеница или сувомеснато по избор, сирење по желба, павлака, оригано, кечап.
Постапка: во еден длабок сад измешајте 200 мл млако млеко, 100 мл млака вода, 100 мл масло, 1 кесичка сув квасец и една лажичка шеќер.
Во брашното додајте сол, па постепено започнете да го додавате во смесата со квасецот. Мешајте прво со лажица, а потоа тестото замесете го со рака (не мора да го вадите на работна површина, се замесува во садот). Покријте го со фолија и оставете го на топло да стасува 20-30-тина минути.
За тоа време се приготвува филот: шунката исечкајте ја ситно, па додајте сечкана моцарела (или друго сирење, кашкавал, по избор). Сето соединете го со неколку лажици кисела павлака, па зачинете со оригано и малку кечап за вкус.
На набрашнета работна површина истресете го тестото, па со оклагија развлечете кора (ни премногу тенка, ни премногу дебела).
Вадете кругови со длабока чинија или друга модла (величината по ваш избор). Тестото од страните соберете го и повторно премесете го, па повторете ја постапката. На секој исечен круг ставете фил на едната страна, а со другата поклопете, па со прстот или виљушка притиснете за да се залепи од страните.
Изматете едно јајце, додајте 1-2 лажици млеко, па премачкајте ги панцеротите наредени во плех обложен со хартија за печење. Одозгора наросете сусам по желба. Ставете да се печат во претходно загреана рерна на 220 степени додека убаво да заруменат, 15-20-тина минути. Постапката можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ. Во продолжение прочитајте уште еден одличен рецепт:
Чебурек-панцероти без квасец: Децата бараа – мама исполнува желби
Чебурек или чебуреки, кој како го нарекува е вид на брза храна, лепињи кои според изгледот потсетуваат на панцероти или калцони, но тоа не се. Тестото е без квасец, се прави како влечено, само од брашно и вода, а вкусот е фантастичен.
Претпоставувате дека потекнуваат од Турција. Тоа е комбинација од бурек и панцероти, бидејќи се пржат на масло, а малку потсетуваат и на мантии. Децата повторно ми бараа, а мама секако, исполнува желби.
Потребни состојки: 500 г меко брашно + малку за премесување и развлекување, 250 мл вода, 2 лажици масло и 1 прстофат сол. За фил: 500 г мелено месо, 1 поголема главица кромид, сол и црн пипер по вкус
Постапка: ставете брашно во поголем сад, направете вдлабнување, па додајте вода, масло и малку посолете. Замесете го тестото.
Тестото треба да се меси малку подолго, додека убаво да се поврзе и да се изедначи, околу 5 минути. Тестото е тврдо, но така треба да биде. Оставете го половина час да отстои покриено со крпа.
За тоа време ситно исечкајте го кромидот, измешајте го со месото и зачините, па и оваа смеса малку замесете ја за да се соединат зачините.
Тестото поделете го на 12 еднакви делови и секој обликувајте го во топче. Не ги месете многу зошто тестото ќе стане жилаво и потешко ќе се развлекува, но и ако тоа ви се случи, само топчињата оставете ги малку да отстојат, па ќе се опуштат.
Секое топче развлечете го во круг или приближно на круг, колку потенко можете. Нанесете од филот врз половината од кругот, префрлете ја другата половина и со виљушка притиснете го тестото да се залепи. Вишокот од тестото отсечете го.
Така направете додека да го потрошите тестото и месото. Тестото можете да го полните и со фил за пица на пример, пробавме, исто е одлично.
Во поголема тава налејте масло како за похување, па спуштајте ги чебуреците да се печат на умерен оган рамномерно од двете страни. Не грижете се, нема да биде масно. Пржените чебуреци вадете ги врз хартиена салветка. Одлично одговара со разматена павлака со сечкано лукче и магдонос. / Сoolinarika.сom