Рецепт и видео прилог на „Аидина кујна” – Најмекиот ванила-путер колач
Вистински колач за љубителите на ванила кремот. Тестото е меко и се меша со лажица, нема потреба од месење, само потребно е добро да стаса. Се украсува со сварен ванила-крем и се пече. Мириса прекрасно, а меко е како сунѓер. Еве што ви е потребно:
Потребни состојки: 280 мл млеко, 20 г свеж квасец, 80 г шеќер, 80 г путер, 2 јајца, ½ лажичка сол, 480 г брашно, плех 25х35 см.
За крем од ванила: 15 г нишесте/густин, 60 г шеќер, 300 мл млеко, 30 г путер, 1 жолчка и 2 лажички арома од ванила. За посипување: 70 г шеќер и 50 г путер
ПОСТАПКА: Во подлабок сад растворете 20 г квасец со 280 мл млако млеко и 80 г шеќер. Промешајте за да се раствори и оставете на топло 10-тина минути за да се активира.
Просејте 480 г брашно и додајте го во смесата од квасец и посолете со половина лажичка сол.
Додајте ги двете јајца претходно отстојани на собна температура и 80 г растопен и подизладен путер (да биде течен, но не врел). Убаво промешајте.
Тестото мешајте го со лажица или шпатула подолго време, околу 10 минути додека целосно да се изедначи. Треба да биде меко и лепливо. Покријте го со проѕирна фолија и оставете го еден час да стасува додека да се удвои.
Потоа размесете го со лажицата уште еднаш убаво и бидејќи е доста меко, додајте 2-3 прстофати скроб/нишесте/густин. Промешајте, поклопете го со фолијата и оставете го да одмори уште 10 минути.
Потоа смесата излејте ја во малку намастен плех (25х35 см) и обложен со хартија за печење. Со помош на шпатула рамномерно распоредете го тестото и покријте го со фолија да стасува 45 минути.
За крем од ванила: една жолчка разматете со 60 г шеќер, 15 г нишесте и 300 мл млеко. Убаво измешајте да нема грутчиња, па додајте арома од ванила.
Загревајте на тивок оган со постојано мешање додека да се свари кремот и да згусне, за што се потребни околу 10 минути. Во топлиот крем додајте 30 г путер и мешајте додека да се растопи и соедини.
Оставете го настрана целосно да излади и покријте го со фолија за да не фаќа коричка. Преку стасаното тесто нанесете го кремот со помош на готварски шприц исцртувајќи дијагонални линии – ромбови.
Одозгора наросете кафеав шеќер и 50 г путер исечкан на ситни парченца. Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 25 минути додека да зарумени.
Печениот колач оставете да се олади а потоа одозгора посипете го со шеќер во прав. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: