Ако досега не сте ги пробале најмалите крофнички во светот, тогаш испробајте го овој стар италијански рецепт, ќе бидете воодушевени, многу се вкусни. Струфоли се мини крофнички кои се добиваат од тесто, се пржат, а потоа се преливаат со сируп од мед.




Најчесто се приготвуваат за Божиќните празници, но толку многу се вкусни што се приготвуваат и преку целата година. Излегуваат многу со големина од залаче, па идеални се за разни пригоди, а особено ги сакаат децата, зашто на крај се посипуваат со шарени трошки.




Она што е особено важно при подготовката на овие крофнички, е дека маслото не смее да биде ладно, ниту премногу врело, туку загреано на умерена температура, топло. Ви претставуваме два рецепти, еве што ви е потребно:




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г брашно, 4 јајца, 100 г путер, 3 лажици шеќер, 1 лажица екстракт од рум (или 1 мала чашка рум), рендана кора од 1 лимон и 1 портокал, 1 прстофат сол, 1/2 лажичка сода бикарбона. И уште 500 мл масло за пржење, 500 г мед, 1 кесичка шарени трошки

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 супени лажици путер, 1 портокал, 1 лимон, 2 чаши (од 250 г) брашно, 3 лажици шеќер, 1/2 лажичка сол, 1/4 кесичка прашок за печиво (2-3 г), 3 јајца, 1 лажичка екстракт од ванила. За прелив: 3/4 чаша мед + 1 лажица сок од портокал




ПОСТАПКА за рецепт 1: Изматете ги јајцата, шеќерот, путерот, румот, солта, ситно ренданите кори од лимон и портокал, додајте сода бикарбона, па постепено додавајте го брашното додека да добиете средно меко тесто (може ќе ви биде потребно помалку од 500 г брашно).




Од тестото правете тенки валјачиња како за њоки, но доста потенки. Сечете ги на мали парчиња со приближна големина од 1 см. Во умерено загреано масло спуштајте ги парчињата и пржете ги кратко време, да останат светли. Маслото може да запенува и да се крева, па користете подлабок сад и решеткава лажица за вадење на крофничките.




Вадете ги врз хартиена салфетка за да се впива вишокот маснотија. Кога сите крофнички ќе бидат испржени, загрејте го медот доволно за да стане течен, но не премногу врел. Во садот со загреаниот мед спуштајте ги струфолите.

Врз чинијата каде ќе ги сервирате на средината поставете тегла, а околу неа редете ги крофничките. Кога медот ќе се олади, извадете ја теглата и одозгора наросете шарени трошки. Ова беше рецептот на Корчула, а следи постапката за вториот рецепт:




ПОСТАПКА за рецепт 2: Во подлабок сад измешајте брашно, шеќер, рендана кора од портокал и лимон, сол и прашок за печиво. Добро соединете, па додајте путер на собна температура, соединете, па додајте ги јајцата и ванилата, па месете додека да добиете мазно тесто. Завиткајте го во кеса или проѕирна фолија па иоставете го во фрижидер да одмори 30 минути.




Потоа тестото поделете го на осум делови, па тенко развлечете го секој дел во долг валјак. Сечете ситнио коцкички, а потоа обликувајте топчиња (треба да бидат што помали). Пржете ги во длабоко масло загреано на умерена температура, по неколку минути.




Вадете ги и редете ги во плех обложен со хартиена салфетка за да се впива вишокот маснотија. Помешајте го медот со сокот од портокал и ставете да се загрее додека медот да стане течен како сируп. Спуштете ги крофничките да се натопат, па вадете ги и оставете ги да се оладат 5 минути. Наросете ги со шарени трошки. Деталите погледнете ги ОВДЕ.