Поздрав драги мои пријатели. Денес ви го претставувам рецептот за супервкусните, а неверојатно брзи кифлички за кои не мора да месите тесто повеќе пати или да го чекате тоа да стасува.
Овие кифлички се готови за половина час заедно со печењето, а можете да ги филувате по желба или да ги оставите празни.
Потребни состојки: 500 г меко брашно, 250 г свежо кремасто сирење (полутечно)*, 100 мл масло, 100 мл млеко, 2 јајца, 2 рамни лажички сол (за солени кифли)**, 6 лажички прашок за печиво или 2 кесички,
*ако немате меко сирење, тогаш употребете, 200 г тврдо издробено сирење помешано со 50 мл млеко, **ако правите благи кифли ставете 1 лажичка сол и 1 лажичка шеќер. Постапка: Во подлабок сад ставете го брашното и додадете го прашокот за печиво и солта. Промешајте рамномерно.
Направете вдлабнување во брашното па додадете го крем сирењето. Посебно пенасто изматете ги белките со виљушка, додадете по 100 мл млеко и масло, па оваа мешавина додадете ја во брашното и замесете го тестото.
Тестото треба да биде меко, но не премногу. Ако ви се чини дека е многу меко, тогаш додадете уште малку брашно . Жолчките оставете ги за премачкување. Замесеното тесто префрлете го на работна површина и уште малку домесете го, па поделете го во две топки. Веднаш развлечете кори со помош на оглагија. Кругот поделете го на 16 триаголници.
Филувајте по ваш избор и виткајте ги кифличките од пошироката страна кон тесниот агол. Кифлите редете ги во плех обложен со хартија, а одозгора премачкајте ги со жолчка и наросете ги со сусам или ким.
Печете ги во загреана рерна на 180 степени околу 15 минути. Сите детали околу подготовката можете да ги погледнете во видеото подолу: