Ова е десерт од памтивек кој и денес со задовоство се прави и јаде. Има повеќе рецепти за подоготвка на алва, но оригиналниот рецепт е токму и наједноставниот, онаков каков што го правеле нашите баби и прабаби. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се користи чаша од 200 мл): 2 чаши масло, 4 чаши брашно. ЗА СИРУП (без варење): 2 чаши шеќер, 2 чаши вода
ПОСТАПКА: Во тенџере сипете две чаши растително масло (400 мл), па додајте четири чаши брашно, до врв полни. Тенџерето е најдобро да биде поголемо, пошироко и подлабоко, за побрзо да се испржи алвата.
Мешајте со дрвена лажица додека ја загревате содржината на умерена температурата. Брашното не смее да изгори, туку треба полека да се пржи во маслото со непрекинато и енергично мешање. За оваа постапка ќе ви бидат потребни приближно 25 минути.
Ако при мешањето забележите дека брашното започнува да загорува, веднаш намалете ја уште повеќе температурата и продолжете со мешање и пржење додека да добие златна боја. Што значи, температурата мора да ја прилагодите според вашиот шпорет.
ЗА СИРУП: Промешајте две чаши шеќер со две чаши вода и промешајте. Сирупот не е потребно да се вари. Оставете го настрана и повремено промешувајте го за да се осигурате дека целосно се растопил шеќерот.
Во меѓувреме приготвувајте ја алвата. Повремено мешајте и одвојте ја од дното на садот за да не загори. После 20-тина минути пржење на тивко, треба да добие светлокафеава боја со густа конзистенција.
Во овој момент можете да додадете една супена лажица течен мармалад од јаболка (рецепт ОВДЕ) или некој друг по вкус, а можете и да не го додавете, не е задолжителен.
Промешајте да се изедначи смесата, па започнете малку по малку да го додавате сирупот додека непрекинато мешате. Внимавајте, може да прска, затоа додавајте го полека.
Само мешајте и гледајте како сирупот исчезнува. Набрзо ќе добиете фина, мазна, хомогена кремаста смеса. Уште малку продолжете со мешање и готвење на ниска температура додека да испари вишокот течност.
Штом алвата почне да се одвојува од ѕидовите на садот, тоа е знак дека е готова. Можете веднаш да ја послужите вадејќи топчиња со лажица за сладолед, или обична лажица. Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ. Во продолжение прочитајте повеќе рецепти за алва – ОВДЕ.