На многу лесен и едноставен начин направете торта-колач за кој сите ќе ви бараат рецепт.
Можат да го направат и почетници во кујната, бидејќи не ви се потребни некои посебни вештини. Се приготвува многу брзо, за 10 минути е готов. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:
400 г мелени кекси,
150 г растопен путер,
50 мл лимонов сок (може и од портокал),
500 мл млеко,
4 супени лажици шеќер,
4 супени лажици скроб/нишесте/густин,
1 жолчка од јајце,
1 лажичка екстракт од ванила,
60 г бело чоколадо,
100 г крем сирење (маскарпоне, филаделфија..),
100 мл млеко и шеќер во прав за наросување одозгора
ПОСТАПКА:
Путерот растопете го на многу тивка температура или во микробранова печка. Мелените кекси/плазма ставете ги во еден подлабок сад, па додајте го растопениот путер и лимоновиот сок. Промешајте со лажица или шпатула, а потоа и со прсти.
Потребно е смесата добро да се изедначи, односно путерот и лимоновиот сок да се впијат во кексите и да добиете смеса со конзистенција на влажен песок. Половина од смесата истурете ја на дното од калап за торти со флексибилен обрач од 25 см.
Распоредете рамномерно и со лажицата натапкајте за да се добие добра основа на колачот. Остатокот од смесата оставете го за крај, кога треба колачот да се нароси одозгора.
ЗА ФИЛ: Во едно тенџере ставете половина литар млеко, додајте четири супени лажици шеќер, четири супени лажици густин, една жолчка од сирово јајце, една лажичка екстракт од ванила. Добро изматете со жица маталка да нема грутчиња.
Тенџерето ставете го на умерен оган и варете ја смесата со непрекинато мешање додека да згусне како пудинг. Додека сè уште е врела смесата во неа додајте 60 г бело чоколадо искршено на коцки и 100 г маскарпоне (свежо крем сирење).
Добро измешајте додека сите состојки да се растопат и инкорпорираат во кремот. Смесата истурете ја врз подлогата од кекси, па рамномерно распоредете ја и израмнете. одозгора наросете го остатокот од трошките.
Израмнете со лажицата одозгора, па залијте со 100 мл ладно млеко. Колачот оставете го во замрзнувач да се олади околу половина час или во обичен фрижидер околу еден час, а потоа одозгора наросете шеќер во прав и послужете.