Фото и рецепт: Александра Ивановиќ – Ова се највкусните мафини што сум ги пробала. Може да се прават со било какво овошје, бобинки, чоколадо…било што ви се наоѓа по дома.
Потребни состојки: 1 јајце, ½ шолја масло, 1/3 шолја млеко, ½ шолја кисела павлака, 2/3 шолја шеќер, 1 ванилин шеќер, 1 ¼ шолја брашно, 1 лажица прашок за печиво и 1 прстофат сол
Постапка: Пенасто изматете го јајцето со миксер. Кога ќе згусне, полека во тенок млаз додадете половина шолја масло. Продолжете со матење. Потоа додадете една третина шолја млеко, половина шолја кисела павлака, две третини шолја шеќер и една кесичка ванилин шеќер. Матете убаво додека да се растопи шеќерот.
На крај додадете просеано брашно (една шолја и една четвртина), прстофат сол и една лажица прашок за печиво. Убаво промешајте и изматете на најмала брзина додека да се изедначат состојките и да добиете полутечно тесто.
Во вака подготвеното тесто додадете она што сакате и имате. Јас додадов брусница и кршено чоколадо. Секој може да стави она што му се наоѓа во моментот.
Полнете ги добро намастените калапи за мафини, а доколку ви лепат, најдобро е да ставите хартиени корпички. Ставете да се печат во загреана рерна на 180 степени, околу половина час. Шолјата за мерење е од 200 мл, а од оваа количина излегуваат 12 мафини.
Фото и рецепт: Александра Ивановиќ