Уштипците може да се подготват според неколку различни рецепти, но најчесто ги правам на овој начин. Брзо, едноставно, не мора да ги замачкувате рацете со тесто и што е најважно, овие уштипци не впиваат масло, а меки се како душа.
Првиот рецепт содржи јајце и млеко, а вториот рецепт кој се смета за оригинален, се приготвува со млака вода, односно уштипците се посни. И двата рецепти се проверени и одлични, а вие одлучете се да го направите оној кој повеќе ви се допаѓа според вкус.
Потребни состојки: 350-400 г брашно, половина коцка свеж квасец, половина лажичка шеќер, 300 мл млеко, едно јајце, половина лажичка сол, масло
Постапка: растворете го квасецот во 100 мл топло млеко, додајте јајце, брашно, шеќер, сол и постепено додавајте околу 200 мл млеко, миксајте неколку минути додека тестото да стане доволно густо за да може да се црпи со лажица.
Прекријте го тестото со крпа и оставете го да стасува на топло место околу 30 минути. Вадете со лажица од тестото и пржете на загреано масло. Лажицата треба претходно да се натопува во масло за полесно да се откинува тестото со помош на друга лажица. За кратко време уштипците се готови и брзо нараснуваат.
БАЛКАНЦИТЕ ГИ САКААТ УШТИПЦИТЕ, но малкумина го знаат оригиналниот рецепт: без јајца и млеко, не впиваат ни капка масло. Совршени уштипци – без јајца, млеко, јогурт… Секогаш успеваат и што е најважно не се мрсни.
Потребни состојки: 500 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво, 5 лажички масло, 1 лажица сол, 1 кесичка сув квасец, млака вода по потреба
Постапка: додадете ги сите состојки во просеаното брашно и, додавајќи по малку млака вода, замесете компактно, нелепливо тесто, ниту тврдо ниту меко, како за пита, премачкајте го со малку масло и оставете го покриено да одмори околу 20 минути.
Тестото развлечете го во кора со дебелина од 1 см на набрашнета површина. Исечете ги на посакуваните форми. Може и во калапи со облик на срце (може и обични тркалезни со чаша, како крофни).
Загрејте го маслото во тава и испржете ги крофните свртувајќи ја горната страна надолу. Кога ќе заруменат убаво од двете страни, готови се. Послужете ги со кисела павлака, крем, паштета, шунка, со што било.
БРЗИ УШТИПЦИ СО РЕНДАНИ ТИКВИЧКИ. Ова е нешто лесно, брзо и едноставно за вечера или појадок. Колку и да сте уморни после работа, ова можете да го напрвите. Уштипците се меки, заситни и многу вкусни.
Потребни состојки: 1 поголема тиквичка, околу 100 г брашно, 1 јајце, 1 мала лажичка сол или по вкус, 2-3 лажици растопен путер или масло за јадење.
Постапка: Тиквичката измијте ја со ладна вода, излупете ја, па изрендајте ја од крупната страна на рендето. Посолете ја, добро промешајте, па истресете ја во цедалка. Добро изгмечете ја за да ги испушти соковите и да се претвори во густа смеса.
Во ренданите и исцедените тиквички додадете едно цело јајце и малку брашно. Добро промешајте за да се соединат состојките во хомогена смеса. Брашното постепено додавајте го, промешувајте за да се впие во смесата, па потоа додадете го остатокот.
Кога ќе го додадете целото брашно треба да добиете меко тесто кое е со аморфна структура. Во тава загрејте малку масло, па од смесата црпете со лажица и спуштајте ги уштипците да се запржат од двете страни. пржете ги по неколку минути додека да заруменат убаво.
Пржените уштипци вадете ги во чинија обложена со хартиена салветка за да ја впие вишокот маснотија. Уштипците се вкусни и топли и ладни, а може да ги послужите и како прилог на главното јадење.