Направете мекици според рецептот на нашите баби: најмекото и највоздушестото тесто кое некогаш сте го пробале. Овој појадок секому е омилен, особено ако се послужи со парче домашно сирење, јогурт или кисело млеко, а може и во слатка варијанта, со џем и чаша млеко.
Рецептот е многу лесен и секому успева од првпат. Во различни краишта се нарекува со различни имиња: пексимети, уштипци, приганици, теганици или мекици, а во вашиот крај можеви имаат некое поинакво име. Тестото се замесува помеко од она за леб, а потоа стасува половина час. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 700 г брашно, 1 супена лажица сув квасец (1 кесичка, 7-10 г), 1 мала лажичка шеќер, 1 мала лажичка сол, 500 мл млака вода + 2 супени лажици масло за готвење + длабоко масло за пржење
ПОСТАПКА: Во подлабок сад за месење просејте 700 г брашно и додајте квасец, шеќер и сол, па промешајте за да се распоредат еднакво. Со постепено додавање на млака вода замесете меко тесто, нешто помеко од она за леб.
Ако имате апарат за месење тесто сите состојки одеднаш ставете ги во садот и вклучете го миксерот, а доколку месите рачно, тогаш имајте во предвид дека тестото е меко и лепливо за рака. Само полека соединувајте го брашното и со дланката одвојувајте го тестото од ѕидовите на садот, како со лопатка.
Пред крајот од месењето додајте приближно две супени лажици, па кога ќе се впие уште полесно ќе се одвојува од садот и ќе се измазни. Тестото што ќе ви остане залепено за рака отстранете го со лажица или кујнска шпатула.
Замесеното тесто покријте го со чиста кујнска крпа или со кујнска стреч-фолија, па оставете го да ферментира на топло место без провев половина час или додека двојно да го зголеми волуменот.
Потоа набрашнете ги рацете и нежно премесете го тестото, колку да излезе воздухот од него, па истресете го на набрашнета површина. Нежно, без премногу притискање, обликувајте топка. Повторно покријте го со крпа и оставете го да одмори 5 минути.
Бидејќи тестото е меко, наросувајте брашно по потреба и со помош на оклагија развлечете кора која не епремногу тенка (0.5 см). Исечете ја на коцки, а во средината на секоја поголема коцка направете еден краток рез за да може поубаво да се испржи (не мора).
Спуштајте ги во добро загреано масло на умерена температура, зашто така впиваат помалку масло. кога ќе испржат убаво од двете страни, вадете ги врз чинија обложена со хартиена салфетка. Деталите погледнете ги ОВДЕ.