Потребни состојки:

1 литар млеко

600 г шеќер

200 г чоколадо за готвење (што потемно, тоа подобро)

250 г путер / маргарин

1 прстофат сол

5 обланди (едно пакување)

Постапка:

Во поголем сад излејте го млекото, додадете шеќер па со мешање оставете да зоврие. Кога слаткото млеко ќе проврие, намалете го огнот на најтивко и гответе 2,5 часови со повремено мешање.

Ова е долг процес при кој млекото постепено ја менува бојата и се претвора во карамел. Иако ова ви се чини како невозможна мисија, сепак бидете упорни, таков е рецептот, се работи полека, но затоа резултатот е предобар.

После 30-тина минути непрестајно готвење, течноста ќе добие крем боја, а следните половина час ќе стане уште потемна и крајниот резултат е права карамел боја.

Постепено доаѓа до згуснување, но карамелот се згуснува и со текот на ладењето. Исто така, бидете внимателни при мешањето зошто може да запени.

Кога е готов карамелот, вие всушност добивате dulce de leche. Можете да го прелиете во тегла и да го затворите, па изладен да го користите како намаз за леб или други слатки. Можете исто така, да го премачкате преку обландите.

Во топлиот карамел додадете исечкано чоколадо, промешајте да се растопи, а веднаш потоа додадете сечкан путер. Не многу тивок оган мешајте да се растопи. Гответе уште 2-3 минути и тоа е тоа. Кремот за обланди е готов.

Секое парче обланда се премачкува со околу 6-7 лажици крем, па се прелива со следното парче обланда.

Потиснете ја готовата обланда и оставете во фрижидер да излади. Кога филот ќе се стегне, обландите исечете ги на штангли и чувајте ги затворени во кутии до послужување.