Пченкарната пита или како што се нарекува, „проја“, е најчестиот оброк кој редовно се подготвува кај нас дома. Сите знаеме да ја подготвиме и понекогаш ја правиме за појадок, понекогаш за ручек или за вечера. Ова ми е еден од поубавите рецепти, кој по мој вкус го дополнив со кашкавал, а сирење си има по стандард и останатите состојки не се сменети. Сочна и мека е однатре и има ситни дупчиња.




Најубава е да се јаде веднаш штом се извади од рерна. Јас обично ја оставам 5-10 минути да се олади. После печењето, сите нестрпливо ја чекаме. Обично ја послужувам со чаша јогурт, а некогаш наместо леб си правам проја, одговара и со сите поглавни јадења, како месо на пример. Здрава проја за секој момент. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 3 јајца, 200 мл јогурт, 1 чаша павлака (180 мл), 3 лажици масло, 1 чаша газирана вода, 100 г сирење, 50 г кашкавал по избор, 200 г пченкарно брашно, 2 лажици палента, 1/2 лажичка сол, 1 кесичка прашок за печиво.

ПРВ РЕЦЕПТ – Проја со сирење и кашкал, рецепт на „Моја вкусна магија“




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 4 јајца, 200 мл јогурт, 60 мл масло, 4 лажици грчки јогурт или павлака, 1 лажичка сол, 5 лажици пченкарно брашно, 5 лажици бело брашно, 1 кесичка прашок за печиво, 150 г сирење. ЗА НАРОСУВАЊЕ: сусам и чие семки.




ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Јајцата, јогуртот, павлаката и газираната вода се оставаат да отстојат на собна температура додека да се стоплат. Скршете ги јајцата во еден подлабок сад и изматете ги со миксер додека да станат пенасти и да го зголемат волуменот. Постепено зголемувајте ја брзината на миксерот, додека матите.




По неколку минути, додајте ја газираната вода, но не престанувајте да матите со миксерот. Пополека излевајте ја, па кога ќе се соедини додајте ја павлаката, па маслото, солта, пченкарното брашно, палентата, на истиот начин. Потребно е да добиете мазна и еднолична смеса која нема да има грутчиња од сувите состојки. Целата постапка околу матењето ќе ви одземе околу 5-7 минути.




Изрендајте го кашкавалот, па сирењето издробете го, додајте во смесата и нежно измешајте со лажица/шпатула. Излејте ја смесата во подмачкан калап или обложен со хартија за печење. Плехот/калапот треба да биде со стандардна големина. Израмнете  ја смесата и испечете ја во претходно загреана рерна на 180 степени, 25-30 минути. Готовата проја малку изладете ја да не биде многу врела, па послужете ја на коцки.

ПРВ РЕЦЕПТ – Проја со сирење и кашкал, рецепт на „Моја вкусна магија“




ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Сите состојки кои се чуваат во фрижидер треба да бидат стоплени на собна температура. Јајцата се матат додека да станат пенасти, нема потреба да се одвојуваат белките од жолките. Потоа се прелива со јогуртот, па маслото и се додава грчкиот јогурт.

ВТОР РЕЦЕПТ – Проја со сирење, рецепт на „Моја вкусна магија“




Непрекинато се мискира смесата до соединување на влажните состојки, пред да се додадат сувите. Потоа додајте ги сувите состојки: пченкарното брашно, белото брашно, солта и прашокот за печиво. Измиксирајте ја уште малку смесата додека да стане мазна и без грутчиња.




ВТОР РЕЦЕПТ – Проја со сирење, рецепт на „Моја вкусна магија“

На крајот додајте го сирењето и убаво измешајте. Во плех со средба големина обложете  хартија за печење и излејте, па израмнете ја смесата. Одозгора наросете со сусам и чиа семки. Рерната мора претходно да се загрее на 200 степени, а потоа пројата се пече околу 25-30 минути, со повремено проверување. Послужете ја самостојно или со некое друго јадење.